Со извештајот на „Дуинг бизнис“ Македонија со нов квалитет на инвестициската мапа

 

Македонија со нов квалитет во својата инвестициска карта. Високото рангирање на земјава во последниот извештај „Дуинг бизнис“ на Светска банка, десетта во светот и петта во Европа, е дополнителен адут за привлекување нови странски инвестиции што ќе резултира со отворање работни места, можност за зголемен извоз и динамизирање на економијата, анализира ЛИДЕР.

„Напредокот на македонската економија е можност за привлекување нови инвестиции во земјава. Високата позиција во извештајот „Дуинг бизнис“ на Светска банка е шанса за влез на големи корпорации и звучни индустриски гиганти. Граѓаните ќе го почувствуваат бенефитот со зголемувањето на стандардот кој ќе биде добиен од нови вработувања и раст на економијата“ – објаснува универзитетскиот професор Томе Неновски.

Со слични прогнози како и професорот Неновски излезе и потпретседателот и член на УО на КПМГ, Дејвид Сиер. Тој објаснува дека високото рангирање на Македонија и скокот од 84 места во последниве десеттина години воопшто не е случајно, бидејќи во земјава се водат успешни економски политики што резултира со напредок во сите сфери.

„Македонија е сериозно добра приказна во поглед на странските инвестиции. Како КПМГ работиме со многу странски компании кои инвестирале во Македонија и се радуваме да работиме со многу други и во иднина. Македонија е добра дестинација за инвестирање. Она што е постигнато во сферата на производството на различни делови од автомобилската индустрија и во неколку други области е исклучително впечатливо. Тоа е приказна која ќе се надградува во идните години“ – вели Сиер.

Се преговара со нови странски компании!

Македонските власти велат дека рангирањето на Светска банка е историски успех и признание за спроведените реформи за подобрување на деловното работење и на севкупната инвестициска клима.

„Бизнис – климата која ја создадовме ни дава можност за привлекување нови познати компании да инвестираат во земјава, да отвораат нови работни места, да продуцираат нови производи и да го зголемуваат извозот, а со тоа да се подигне и стандардот на граѓаните и економскиот раст на земјата“ – вели вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Министрите и луѓето задолжени за привлекување странски инвестиции се веќе влезени во преговори со повеќе компании кои се очекува да донесат одлука да го вложат капиталот во нашата држава.

„На крајот на ноември и декември очекуваме уште неколку компании да донесат позитивни одлуки за инвестирање во Македонија. Не можам да споделам имиња, бидејќи тие компании треба сами да ги кажат тие информации и да ги споделат со јавноста, но јас сум оптимист. Се надевам дека во следните шест до осум недели ќе имаме дополнителни компании кои ќе се одлучат за нас“ – вели првиот човек на слободните економски зони, Виктор Мизо.

Македонија успеа и во време на политичка криза да привлече странски инвестиции, во и надвор од слободните зони, што резултираше со отворање нови работни места, но вистинскиот инвестициски бум се очекува да се случи по изборите кои треба да стават крај на политичката криза во земјава.

„Ќе победиме на претстојните избори. Политичката криза и наштети на економијата, но и покрај тоа успеавме да задржиме позитивна насока во индустрискиот раст и во економијата во целина. Водиме разговори со нови инвеститори кои ги паузираа или откажаа своите одлуки поради политичката криза. Сега сите, и домашни и странски фактори, сакаат кризата да заврши и таа ќе заврши во декември“ – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. 

„Лидер“: Зоните се полнат со нови инвеститори

Слободните економски зони се полнат со инвеститори. Се градат нови фабрики, актуелните корисници на погодностите во ТИРЗ ги прошируваат производствените капацитети што резултира со постојано зголемување на бројот на вработени. Слободната економска зона во Скопје се отвори и за домашните бизнисмени.

„Процедурите за добивање градежна дозвола се особено кратки, што е многу важно. Исто така, рамниот данок во Македонија е од особена важност за сите стопанственици. За нашата инвестиција во Бунарџик сè се одвива согласно планот“ – вели Саво Станковиќ, сопственик на домашната компанија „Хај-тек“.

Во Македонија влегоа крупни странски играчи. Се позиционираа во различни градови низ земјава, некои ги користат предностите на слободните економски зони, други оперираат во индустриските.

„Џонсон Контролс“ се реши за Штип и Струмица, КСС за Кичево, „ОДВ Електрик“ за Охрид, „Дрекселмаер“ за Кавадарци, „Кромберг и Шуберт“ е во Битола, „Гентерм“ во Прилеп, „Маркард“ се реши за Велес, „Амфенол“ за Кочани, „Гришко“ за Демир Хисар, а повеќе компании од различни сектори влегоа во Бунарџик. Целата стратегија за дисперзија на инвестициите резултура со порамномерен регионален развој.

„Работниците земаат плата, одат во локалните продавници, купуваат, трошат, што значи дека се мултиплицира ефектот од инвестицијата. Оттука, позитивните ефекти не се само во непосредните вработувања. Затоа, јас се надевам и очекувам, овие странски инвестиции да имаат многу позитивно и значително влијание врз регионалниот развој“ – објаснува универзитетскиот професор Јован Пејковски.

„Многу е важно што компаниите кои инвестираат не се фокусираат само во Скопје, туку во повеќе градови, а тоа овозможува младите да се задржат тука. Инвестирањето на странските компании многу влијае за намалување на невработеноста, невработеноста се намали од 38 на 24 проценти, а со намалувањето на невработеноста доаѓа зголемувањето на платите“ – вели Мизо.

Расте соработката со домашните фирми

Компаниите од ТИРЗ работат со полна пареа. Последните податоци за периодот јануари – септември покажуваат раст на извозот од зоните за 19,2 процента.

Расте вредноста на извозот кон странство, расте и соработката со домашните компании. Повеќе од 500 домашни фирми се партнери со странските инвеститори и годишно инкасираат и до 50 милиони евра, што влијае на креирањето индиректни работни места.

Македонските компании се вклучени во добавувачкиот синџир, ангажирани се за изградба на производствените погони, во делот на сервисирање на машините и опремата, во транспортот, логистиката, осигурувањето, кетерингот.

„Најактуелно е да ги вмрежиме странските со македонските компании, бидејќи во тој синџир на добавувачи меѓу домашни и странски компании навистина има големи бенефити“ – вели извршната директорка на Стопанската комора на Македонија, Јелисавета Георгиева.

Бројот на компании од автомобилскиот сектор кои влегоа во земјава е сериозен, па во Советот на странски инвеститори е формирана и Асоцијација на автомобилската индустрија.

Според податоците на Народна банка, за седум месеци од годинава во земјава се влезени 190 милиони долари странски директни инвестиции.

 
 
31.10.2016 - 09:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега