Неизвесен почетокот на судењето на шеснаесетмината обвинети во Керозин

Неизвесен почетокот на судењето на сопственикот на неготинската бензинска Алма комерц и уште петнаесетмината уапсени во акцијата Керозин, пишува Канал 5. Според информациите на телевизијата, денеска еден од обвинетите не се појавил во судница.

Шеснаесетмината кои беа уапсени во ноември минатата година, се товарат за криминал со нафта. Според обвинението, преку неготинската фирма, во последните 4 години се испорачувала нафта за греење во повеќе јавни институции, каде тендерите ги добивала само оваа фирма. И државни службеници кои ја злоупотребиле службената положба се најдоа меѓу обвинетите.

Од фирмата испорачувале помалку нафта во училишта, градинки и здравствени установи, па од фирмата ги заменувале цистерните или поставувале мерачи кои покажувале дека во нив има повеќе нафта.

На овој начин, со нафта се снабдувале царината, Владата, УЈП и неколку министерства. Затоа, меѓу 16мината обвинети се најдоа и котлари и магационери од овие институции. Само во текот на минатата година, јавните установи склучиле договори за испорака на нафта, “тешки’ милион и пол евра.

 

најчитано сега