Раст на македонската економија и во услови на криза
Политичката криза и наштети, но не ја загрози македонската економија. Последните показатели се потврда дека во земјава се водат здрави политики кои му овозможуваат на домашниот приватен сектор да се развива и да биде носител на повисок економски раст. Проекциите и на македонските и на меѓународните финансиски институции велат дека в година и во 2018 ќе имаме динамизирање на активностите во стопанството, што ќе значи отворање нови работни места, повисок стандард и поквалитетен живот на граѓаните, анализира ЛИДЕР.
Народна банка, ЕБОР и СБ со прогнози за раст
Народна банка на Македонија прогнозира дека растот на економијата годинава ќе изнесува 2,3 проценти и веќе во идниве две години се очекува да закрепне до ниво на 3,5 проценти во 2017 и 3,7 проценти во 2018.
Главната причина зошто растот годинава е намален на 2,3% е домашната политичка криза што предизвика пониски остварувања во делот на инвестициите. Последните податоци на НБРМ покажуваат дека во периодот јануари – август во Македонија се влезени околу 250 милиони долари СДИ.
„Се очекува по изборите состојбите да се нормализираат и во 2017 година да има стабилизирање на домашното опкружување. Кај инвестициите има пониско остварување, бидејќи амбиентот не беше соодветен за да влијае на довербата на инвеститорите. Ризиците и натаму постојат, како надворешните така и домашната политичка состојба. Економските основи се солидни“ – оцени првиот човек на НБРМ, гувернерот Димитар Богов.
Со слична оценка излезе и Европската банка за обнова и развој во својата последна проекција. Меѓународната финансиска институција со седиште во Лондон ни прогнозира раст на БДП од 2,1% годинава (нешто помал од НБРМ), а за в година од 3%. Банката како главен ризик за земјава ја посочува домашната политичка криза, на која со изборите во декември се очекува да и се стави конечен крај.
Проекцијата на Светска банка за годинава е раст од 2% (во првото полугодие позитивата е 2,1%), исто така, како резултат на политичка криза.
Сепак, веќе в година и во 2018 се очекува раст од 3,3% и 3,7%, поткрепен од финалната потрошувачка и инфраструктурните инвестиции.
Каква е позицијата на Владата?
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од својата добитна комбинација на економски план, а тоа е преку висок износ на капитални инвестиции да ја модернизира земјава и да го стимулира домашниот приватен сектор. За в година се планирани 438 милиони евра капитални расходи, за 20,7% повеќе во однос на годинава!
„Градежништвото како стопанска дејност во последните години е двигател на економскиот развој на Македонија. Реализацијата на капитални проекти дава сигурност дека и во наредниве години ќе имаме перманентен развој на градежништвото и на економијата. Капиталните проекти во изградба на новите три автопатишта, на брзи и регионални патишта се основа за развој на секоја економија“ – објаснува првиот човек на градежната комора при ССК, Роберт Хот.
Тврдењата на Хот се остваруваат. Во 2017 се очекува градежништвото да забележи раст од 5,2% (што ќе биде важно и за другите стопански гранки поврзани со него), а тоа ќе се случи како резултат на планираните инфраструктурни проекти и предвидените инвестиции во слободните зони.
Владата со буџетот за в година проектира економски раст од 3%, со позитива кај извозот од 6%, кај бруто – инвестициите од 4,5%, кај приватната потрошувачка од 2,1% и кај јавната од 1,3%.
„Буџетот за 2017 има три основни постулати, а тоа се развој што се базира на високиот износ на капитални инвестиции, социјална заштита на најранливите категории граѓани и етапно намалување на буџетскиот дефицит за да се постигне фискална консолидација на среден рок. Наш главен приоритет е поддршка на приватниот сектор, бидејќи е тој клучен за економскиот развој на земјава и е единствен кој што може да креира нова вредност“ – објаснува министерот за финансии, Кирил Миноски.
Само за 2017 година се очекува раст на вработеноста во 1,8%, што во апсолутна бројка значи отворање на 11 илјади нови работни места.
ВМРО-ДПМНЕ ги разбира потребите на бизнисот
ВМРО-ДПМНЕ ги разбира потребите на бизнисмените и предизвиците со коишто се соочува домашниот приватен сектор. Претставници на владејачката партија во континуитет се на заедничка маса со стопанствениците за да ги слушнат нивните размислувања и да ги вметнат во партиската програма, што значи ветување и гаранција за нивно исполнување.
„Се работи на една сеопфатна програма во која што сакаме да ги вклучиме сите релевантни чинители, пред сè од приватниот сектор и да ги слушнеме нивните идеи. Тоа е практика што се применувала и претходно во подготовката на програмите на ВМРО-ДПМНЕ, коишто подоцна стануваат и владини програми“ – вели Миноски.
Од Стопанската комора на Македонија побараа договор меѓу јавниот и приватниот сектор околу економските политики и долгорочната стратегија за економски развој.
„Со договорот ќе се прецизираат правилата на игра меѓу јавниот и приватниот сектор, тоа досега го решававме во секојдневната комуникација“ – вели претседателот на СКМ, Бранко Азески.
Долгорочната стратегија за економски развој предвидува стапки на економски раст меѓу 5 и 7 проценти во наредниве 10 години, какви што впрочем испорачуваше владата на ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 2006 до 2008 година, односно пред страотната економска и финансиска криза.
И во време на оваа економска криза, Владата покажа дека знае што му е потребно на бизнисот. Обезбеди евтини кредитни линии преку Европската инвестициска банка, спроведе низа активни мерки кои им овозможија на компаниите полесен пристап до работна сила, даночното оптоварување остана ниско, а во исто време, се продолжи со политиката за стимулирање на стопанството преку висок износ на капитални инвестиции секоја година.
ИЗВОР: ЛИДЕР
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа