Груевски му ја честита победата на Трамп: Подготвени сме да ја унапредиме соработката во сите области од заеднички интерес
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски испрати честитка до новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп.
Во продолжение следува неговата честитка
Вам и на народот на САД ви ја честитам победата на претседателските избори. Принципот на почитување на волјата на народот е врв на демократијата, тоа e победа на правото на слободната волја на сите граѓани.
Вашето претседателствување повлекува огромна чест и одговорност да се биде предводник во битката за градење на подобар свет, за возобновување и подобрување на општеството. Во таа насока ви посакувам многу среќа и успех.
Во овој свечен момент сакам да го истакнам задоволството од развојот на односите и соработката меѓу Република Македонија и САД и воедно да ја искажам нашата подготвеност за нивно натамошно унапредување и интензивирање во сите области од заеднички интерес.
Членството во НАТО претставува наш приоритет и темелна заложба при што особено ни е значајна поддршката од САД како наш стратешки пријател.
Уверен сум дека пријателството и разбирањето во односите меѓу нашите две земји ќе продолжи да се негува и дополнително развива.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа