Започна 50. Меѓународна струмичка ликовна колонија

 

 

Во изложбениот салон на НУЦК „Антон Панов” во Струмица со отворање на големата ретроспективна изложба, започна јубилејната 50. Меѓународна струмичка ликовна колонија, на која и годинава ќе творат дваесет уметници од повеќе европски држави.

Отварајки ја изложбата, директорот на Центарот за култура, Иван Јовев, истакна дека истата претставува пресек на досегашниот развој на оваа најстара културна манифестација во државата и на Балканот.

- Тежок беше изборот од големата збирка од над две илјади дела од над илјада уметници, кои во изминатите 50 години продефилираа на Меѓународната струмичка ликовна колонија, да се одберат овие 100 дела, кои се национална вредност на Струмица и нашата држава. Мислам дека сепак успеавме и се надевам дека љубителите на уметноста повторно ќе уживаат во убавините како на уметничките слики, така и на скулптурите и прекрасните мозаиците, рече Јовев.

За почетоците и развојниот тек на Меѓународната струмичка ликовна колонија, со свои сеќавања за изминатите 50 години се наврати еден од основачите и долгогодишен раководител на Уметничката галерија, Љубчо Апостолов.

- Половина век опстојување и давање импулс на културниот живот во еден мал град, каков што е Струмица е сепак голема работа. Започнавме во далечната 1963 година со првото гостување на тогашните популарни „наивци”, а од 1968 година веќе функциониравме кака Меѓународна струмичка ликовна колонија на која продефилираа многу славни и познати имиња од областа на ликовната уметност од сите меридијани на светот. Струмица денес ја има најбогата збирка на дела, но и најголем број уметници-пријатели, кои го почувствувале топлото и гостопримливо струмичко поднебје, истака Апостолов.

Свој мал јубилеј, 20 години од постоењето годинава одбележува и Студиото за мозаик, единствено во државата, чиј што главен ментор на почетокот беше професорот Газамфер Бајрам, а сега негов достоен наследник е неговиот ученик, академскиот уметник Александар Филев. Меѓународната струмичка ликовна колонија и годинава се одржува под покровителство на Министерството за култура на РМ и општина Струмица, а создадените дела ќе бидат претставени на традиционалната изложба по повод Денот на ослободувањето на Струмица, 11-ти Септември. 

најчитано сега