Сојуз на слепи: Контролите од МТСП се прават за предизборни цели

 

Националниот сојуз на слепите на Република Македонија тврди дека контролите од Министерството за труд и социјална политика во Сојузот се прават во предизборни цели.

- Од страна на техничката министерка веќе еднаш беше формирана комисија за надзор над НССРМ која во мај, кога се претпоставуваше дека ќе има избори во месец јуни, цели три недели доаѓаше во контрола на Сојузот и очигледно не си ја заврши добро работата и не достави никаков извештај бидејќи изборите се одложија. Па ете повторно сега пред избори техничката министерка праќа комисија за надзор над НССРМ. Но, овој пат во зајакнат состав, па доаѓаат дури и лица кои без овластување сакаат да вршат надзор над работата, се вели во писмениот допис од Сојузот.

Во него се тврди дека во контрола на Сојузот доаѓаат и лица кои не се овластени од министерката и оти, како што се посочува, самоволно, со оглед на фактот дека на овластувањата нема потпис од дополнителниот заменик министер.

Од Сојузот тврдат дека е лага оти не биле барани други документи освен финансиски и дека во тоа веруваат само тие кои го пишувале дописот до јавноста на техничката министерка, бидејќи, како што додаваат, постојат копии од се што е барано. 

- Особено не навредува фактот што техничката мнистерка гледа се низ призмата на политиката и гледа политички да не обои сите. Повторно напоменуваме дека НССРМ е непартиска организација, нас тука не сплотува судбината и единствената желба за подобро утре на секој слеп човек, нас не спојува борбата за заеднички напредок кон подобро утре на секое слепо лице, затоа што ние не гледаме со очите, но гледаме со душата, а душата на многу слепи лица е повредена во сите обиди за политиканство на техничката министерка и во сите обиди за обојување со политичка опција, се вели во дописот.

Од НССРМ сметаат дека некој погрешно ја советува министерката Ташевска Ременски.

- Во Комисијата има нестручни лица, социјални работници да вршат надзор над финансиското работење и над сметководството, очигледно дека тука станува збор за фотелји и лични интереси, а не за некаков професионализам од страна на техничката министерка, велат од Сојузот.

Тие забележуваат и на употребата на терминот хендикепирани од страна на министерката за труд и социјална политика.

- Една техничка министерка треба да се засрами дека не ја прочитала Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност, која и нашата држава ја има ратификувано, па наведува дека "хендикепот не смее да биде злоупотребуван од никого“. Министерке ние не сме хендикепирани, затоа што ние гледаме со срцето, очигледно некој друг тука не гледа добро, секаде се користи терминологијата лица со инвалидност, но не и хендикепирани која е длабоко наврдлива за секое лица, посочуваат од Националниот сојузот на слепи лица. 

 
 
14.11.2016 - 15:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега