Ѓорѓиев: Ќе почне постапката за концесија на дивечот
Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев на денешната прес-конференција информираше дека Владата на Република Македонија донела одлука за почеток на постапката за доделување под концесија на дивечот во 32. ловишта во девет ловни региони во Република Македонија.
- Се работи за концесии на по едно ловиште во Велес и Тетово, по две ловишта во Прилеп, Македонски Брод и Берово, по три ловишта во Свети Николе и Радовиш, осум ловишта во Битола и 10 во Штип, рече портпаролот истакнувајќи дека согласно законите, целокупната постапка за доделувањето концесии треба да заврши во период не подолг од 150 дена.
Ѓорѓиев истакна дека во текот на август ќе биде изготвена и одобрена тендерската документација за секое ловиште, по што кон крајот на овој месец или почетокот на септември ќе следува објавување јавен повик за доделување концесија на дивечот во овие ловишта.
- Од моментот на објавување, јавниот повик би траел 30 дена и на него би можело да конкурира секое правно лице кое во својата дејност ја има вклучено и дејноста ловство. По завршувањето на јавниот повик, што би се случило кон крајот на септември или почетокот на октомври, ќе следува јавно наддавање за секое ловиште и тоа по пат на електронска аукција, информира владиниот портпарол.
Почетната цена за наддавање за секое ловиште, како што појасни, ќе биде утврдена во тендерската документација, а во зависност од спецификите на ловиштето, неговата површина, постоечки содржини и останати карактеристики веројатно би варирала од 1 до 3 милиони денари.
- По јавното наддавање, оној понудувач кој понудил највисока цена ќе се стекне со право за потпишување договор за концесија со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и тоа во период од 60 дена од моментот кога победил на електронската аукција, рече Ѓорѓиев.
За да го потпише договорот со Министерството, појасни дека најповолниот понудувач во тој период од 60 дена ќе треба да достави докази за материјално-технички можности, во смисла на опис на опрема која ја поседува, број на теренски возила, оружје, простории кои ги поседува, број на лица кои планира да ги вработи и визија за развој на ловиштето содржана во развојна програма.
- Во моментот на достава на овие докази и по нивното усвојување од Министерството ќе биде потпишан договорот помеѓу двете договорни страни со што концесионерот ќе може да почне со стопанисување на ловиштето. Периодот на траење на концесијата е 10 години. Во време на концесионирањето Државниот инспекторат за шумарство и ловство ќе врши контрола на спроведувањето на планскиот документ за развој на ловиштето кое е предмет на концесионирање, рече портпаролот.
Ги повика заинтересираните субјекти да ја искористат оваа можност, бидејќи, како што додаде, таа има соодветна бизнис логика и нуди опции за остварување профит.
- Со оваа постапка се придонесува за обезбедување заштита и одгледување на дивечот во ловните региони, но и се нудат можности за поддршка и остварување бизнис за стопанските субјекти, за нивно функционирање во профитабилна дејност, и што за нас како Влада е најзначајно се нудат и опции за обезбедување нови работни места и вработување на граѓаните во основните и дополнителните дејности во врска со ловиштата, истакна Ѓорѓиев.
Во следниот период најави дека ќе финишираат постапките и за почеток на постапката за давање под концесија на преостанатите 20-ина ловишта во различни ловни региони во Република Македонија.
ФОТО: МИА