Тачи не сака на средба со Заев: Не гледал разлика меѓу него и Црвенковски
Претседателот на ДПА, Мендух Тачи, ја одбил поканата со лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, дознава Дневник.
Шефот на пратеничката група на ДПА, Имер Алиу, за Дневник потврдил дека нема да има средба меѓу Тачи и Заев, бидејќи од партијата не гледаат суштинска причина зошто би се одржала. Заев, исто така потврдил дека Тачи писмено го известил дека нема да има средба, но, првиот социјалдемократ нагласил дека нема да се откаже од намерата да седне на иста маса со претседателот на ДПА.
- Претседателот Мендух Тачи ја одби поканата за средба со Заев. Не гледаме суштинска причина за една таква средба. СДСМ стана дел од сценариото на ВМРО-ДПМНЕ фиктивно да ја претстави ДУИ како фактор за решавање на спорот за името. Во суштина тоа не е така. Ова всушност покажува до каде е процесот на решавање на прашањето. ДПА останува на позициите дека Владата треба да ја преземе одговорноста и да го реши проблемот со името, изјавил Имер Алиу за Дневник.
-Во ДПА велат дека средба со Заев ќе нема и поради непринципиелните политики на СДСМ за локалните избори. Од партијата на Тачи велат дека социјалдемократите треба да одговорат зошто на локалните избори ја поддржале ДУИ, односно зошто нивното членство ~ помогнало на партијата на Ахмети да победи во Гостивар, Тетово... Тоа, според ДПА, докажува дека нема промена на политиките на социјалдемократите без оглед дали се водени од Kиро Глигоров, Бранко Црвенковски или од Зоран Заев, пишува Дневник.
Откако стана лидер на социјалдемократите, Заев иницираше и оствари средби со премиерот Никола Груевски, со претседателите на опозициските партии и со претседателот на ДУИ, Али Ахмети. Заев најави дека испратил покани за средби до претседателите на ДПА и НДП, Мендух Тачи и Руфи Османи. Засега, објавува Дневник, Заев нема да оди на гости во седиштето на ДПА, а дали ќе се сретне со лидерот на НДП, ќе биде познато по одморите.
ФОТО: Дневник