Иванов го честита празникот Рамазан-бајрам
Претседателот Ѓорге Иванов, по повод големиот муслимански празник Рамазан-бајрам, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, Реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи, до членовите на Ријасетот на ИВЗ и до сите припадници на исламската вероисповед во државата.
- Долгата традиција на празнување на исламските празници во Република Македонија отсекогаш била повод за меѓусебна почит и заедничка прослава на нашите граѓани, но и доказ дека во нашето општество се негуваат и почитуваат високи хуманистички традиции на кои можеме да бидеме горди. Лично бев почестен од поканите што ги примив за присуство на неколку срдечни, заеднички одбележувања на овој светол период. Заемното почитување и уважување на празниците на различните верски заедници во Република Македонија се стожерна вредност на меѓусебниот соживот во нашето општество, во што придонес има и Исламската верска зедница, стои во честитката од претседателот Иванов.
Тој изразува увереност дека како и досега, и во иднина, во духот на меѓусебното разбирање и толеранција, ќе останеме цврсто обединети во заедничкиот стремеж за просперитетна иднина, напредок и благосостојба на сите граѓани на Република Македонија, и изградба на модерна и силна Република Македонија.
- Овие празнични денови нека ги зацврстат мостовите на пријателство и блискост, како кон Вашите најблиски, така и кон Вашите соседи, пријатели и сограѓани, а духовниот мир нека Ви донесе успех во сите полиња и дејности на Вашите животи, се наведува во честитката од претседателот Иванов до припадниците на исламската вероисповед во Република Македонија.