Груевски: Народот на 11-ти декември ќе го отплетка јазолот на оваа криза!

 

Сакам овој голем митинг да го започнам со изразување на голема благодарност на нашите пријатели од меѓународната заедница, министерот за надворешни работи на Австрија и потпретседателот на Европската народна партија, кои дојдоа тука денес, специјално допатуваа да ни изразат поддршка во пресрет на овие избори и заедно да докажеме дека Македонија има европска перспектива, и дека местото на Македонија е во ЕУ и НАТО, и да им покажат на сите скептици дека заеднички можеме тоа да го сториме, Македонија да оди напред и да почне една нова ера за нашата земја, порача на самиот почеток од своето обраќање на големиот митинг во Скопје лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

-Сакам на овој голем собир искрено од срце да се заблагодарам до лидерите на најголемата политичка коалиција во Македонија, нашата коалиција за Подобра Македонија, со кои рамо до рамо се држевме за време на кризата и кои беа и останаа по крај нас верувајќи во пријателството и партнерството базирано на заеднички вредности и идеали, а мал дел од нив се приклучија неодамна. Благодарам за Љубисав Иванов Ѕинго, Стефче Јакимовски, Иван Стоилковиќ, Кенан Хасипи, Амди Бајрам, Бојо Андрески, Авдија Пепиќ, Мите Костов, Бајрам Берат, Гоце Цветковски, Ванчо Шехтански, Страшо Ангеловски, Драган Василески, Живко Јанкуловски, Владимир Голубовски, Салко Куч, Миљазим Сакипов, Чедо Николовски, Ерџан Селими, Слободан Угриновски, Неждет Мустафа, Ердоган Сарач, Шабан Салиу, рече Груевски.

Груевски порача дека продолжуваат заедно напред после новата голема победа на овие избори која ќе ја добијат, продолжуваат со реформи и силно темпо во новото историско време пред нас да работиме сплотено за интересите на нашата држава и народ, Македонците, Албанците, Србите, Ромите, Власите, Бошњаците и сите останати. Имаме уште многу работа, рече Груевски, пред нас се уште многу предизвици кои заедно со нашиот народ ќе ги надминеме.

-Сигурен сум, се сеќавате на нашиот огромен митинг на 18-ти мај на истото ова место, митинг според многумина прогласен за најголем во историјата на државата, кога реки народ од сите страни на државата и главниот град доаѓаа кон ова место, горди и со високо кренати глави. Сите тие луѓе дојдоа тогаш со една работа во своето срце – љубов кон државата! Знаејќи јасно што е што, и кој е кој, што и се случува на државата и свесни дека од секој од вас зависи во каква насока ќе оди државата! Свесни за неправдите, но и сигурни во тоа во што сите вие верувате! Просперитетна Македонија, земја на напредок и реформи, држава на соживот, земја без кризи туку со решенија! Дојде време за крај на кризата!, рече Груевски.

Тој нагласи дека овие избори на 11-ти декември се тој крај. Колку некој и да сака да мислиме поинаку, со огромно мнозинство кое ќе застане зад нашата коалиција, рече Груевски, кризата ќе се сведе кон својот крај и сите ние заедно ќе ја претвориме во можност.

-Сите ние заедно, сложно и обединето, оваа коалиција која прерасна во големо движење, кое се спротиставува на се она што се случуваше во нашата земја и сака напредок! Вложени се милиони евра во ова сценарио и кампања на опозицијата.Тие што вложувале во ова, не и мислат добро на државата и на вас, и вие го знаете тоа! Тие кои ја водат кампањата со опозицијата се истите тие кои се одговорни за кризата во државата, што се одговорни за тоа зошто нашата држава тапка во место во евро и евроатланските интеграции, и кои имаат лоши планови за нашата држава, тука е и опозицијата која е алатка во ова сценарио и чие работење вие е познато многу добро. Ја знаете опозицијата, ги познавате и Заев и Шекеринска, нивното богатење и криминално работење се реалноста која ја оптеретува Македонија, нивната ароганција, снобизам и потценување кон нашиот народ се нешто што некој го искористи за да проба да не закрви, додека ние молчевме и трпеливо го чекавме денот кога ќе се соочиме на избори, кога народот ќе си ја одбрани државата свесни дека народот е главниот столб на оваа држава и тој ќе го отплетка јазолот на оваа криза, рече Груевски.

 

 
 
27.11.2016 - 21:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега