Ексклузивно Ѕинго за Вечер: Никој нема мандат да ја дели Македонија

Сето ова беше организирано од опозициските партии, дел од невладиниот сектор, инсталации на странски држави и директно учество на странски разузнавачки служби. Бевме сведоци на рушење на уставноста на нашата држава, видовме уништување на темелните вредности на Македонија и македонскиот народ, беше понижен судскиот систем, беше изгазен уставот, беа распишувани, па одложувани избори, беше распуштано па свикувано Собранието

На прашањето Кои се тие надворешни сили кои ја организираа и помогнаа да се реализира оваа криза, Иванов вели дека еден ден ќе излезе на виделина кои се нарачатели на оваа криза, кои биле крајните цели на истата, и зошто токму сега ја дестабилизираа Македонија. 

Како одговор на прашањето дека  дел од тие сценарија не се реализираа, лидерот на Социјалистичката партија одговара:

Затоа што македонскиот народ е мудар народ, мнозинството Македонци, Албанци и припадниците на други националности, ја прочитаа оваа операција, го насетија планот, ги сфатија игрите на опозицијата и ги увидоа опасностите за државата од опозициските лидери.

Љубисав Иванов Ѕинго очекува убедлива победа на изборите, а на прашањето Зошто е убеден во убедлива победа на владеачката коалиција, Иванов одговара: 

Ѕинго: Затоа што народот знае да препознае, народот знае да процени која политичка опција нуди стабилност, просперитет, развој, програма и има квалитетен и способен тим да ја реализира таа програма. Граѓаните знаат да го ценат исполнувањето на дадениот збор, граѓаните ги ценат напорите, работата и ангажманот на оваа владина гарнитура. Од друга страна истите тие граѓани не сакаат деструктивност, несигурност, неизвесност, лажни ветувања и гола пропаганда, ги препознаваат лагите и неспособноста на раководството на опозицијата. Ете затоа сум убеден во големата победа на Коалицијата за подобра Македонија. 

Коментирајки ги најавите на Зоран Заев за двојазичност и промена на Уставот на Република Македонија, и заложбите за федерализација на земјата, лидерот на социјалистичката партија Љубисав Иванов Ѕинго вели: 

- Какви било отстапки од Рамковниот договор, негово проширување или надградување е повеќе од ризично и води кон целосна неизвесност и можна дестабилизација. Ваквите најави од одредни лидери се многу опасни обиди за понатамошно разнебитување на државата и продолжување на кризата. 

Љубисав Иванов Ѕинго во интервјуто за Вечер оценува дека светот денеска се наоѓа во исклучително сензитивен период, неколкуте светски жаришта, замрзнатите локални конфликти, забрзување на трката на вооружување говорат за реална опасност од избувнување на војна од поширок обем. Самата победа на Трамп и појавувањето на Берни Сандерс на овие избори говори дека американскиот народ е заморен од политичките елити, бара покрупни, длабински резови во однос на начинот на владеење. 

Ѕинго очекува конзистентен став кон Македонија и спорот со името и по промената на власта во САД. Тој заклучува дека постојат индиции кои укажуваат на тоа дека спорот со името е поврзан со македонската криза. 

Ѕинго: Очигледно е дека некој посакува во Македонија марионетска Влада, која ќе го смени уставното име, ќе обезбеди проширување на Охридскиот рамковен договор и ќе го смени уставот на Република Македонија. Логично е да се заклучи дека е тоа еден од можните мотиви за нарачка, организација и подршка на оваа двегодишна криза, во недостаток на докази не можеме со сигурност да го тврдиме ова, но многу индиции покажуваат дека постојат основани сомненија за ова. 

Љубисав Иванов Ѕинго интервјуто го завршува со оценка дека македонскиот народ е вреден и работлив и е горд на она што успеале како колаиција да го изградат во изминатите години. Иванов порачува дека Македонија за него е света земја. 

- Јас сум така воспитан, моите дедовци,татко, браќа се учесници во сите процеси на ослободување на Македонија. Јас Македонија ја сметам за света земја, ја сакам како што ги сакам моите родители, моите деца, внуци. Можев да живеам каде сакам, јас ја одбрав Македонија, создадав тука и сметам дека секој тоа треба така да го прави, порачува Љубисав Иванов Ѕинго.

 

ФОТО: Вечер

 
 
28.11.2016 - 17:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега