Попоски: Соработката и комуникацијата со Грција се подобрува со лепезата мерки
Колку подобро и порелаксирано опкружување имаме толку ќе биде подобро за Македонија. Тоа не го правиме за да ги задоволиме другите, туку за да изградиме подобра позиција за нас, рече носителот на ИЕ 1 Никола Попоски кој говореше на тема Дипломатија и меѓународни односи.
Токму затоа и седнавме и направивме цела една лепеза на мерки кои ги применуваме и верувале или не ние дојдовме во фаза во која нашите оператори потпишуваат договор за гасно поврзување помеѓу Македонија и Грција, нешто што 15 години во минатото беше блокирано од политички причини, појасни Попоски.
-Дојдовме до таму и да можат група историчари од Македонија со група историчари од Грција да седнат и да дискутираат врз основа на аргументи. Дојдовме до фаза во која се согласивме дека ние од наша страна треба да помогнеме поголем број на наши студенти кои се заинтересирани да имаат студентски престој во Грција и обратно до Грција да дојдат во Македонија. Тоа е голема придобивка, да видат дека ние сме образовани луѓе, со европски вредности и знаење. Луѓе кои се компатибилни со остатокот на Европа а не онака како што некој друг сака да не претстави и воедно ќе можеме да ги запознаеме сите тие кои доаѓаат во Македонија, рече Попоски.
Многу сериозен напредок, заклучи Попоски, е направен во изминатиот период.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа