Груевски: 11-ти декември да биде празник на демократијата и ден на гордост, вечерта да слави Македонија!
Се случуваат последни обиди на разни структури да променат нешто, да проблематизираат, но мора сите одговорно и демократски да не дозволиме да успеат, да не се подлегнува на никакви провокации и обиди за закрвување, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на денешната прес-конференција.
-Уште два дена, не дозволувајте сега на крајот, да не закрват, не подлегнувајте на провокации. Тоа се последни обиди на еден систем во распад, на Зоран Заев и на подземни структури зад него, но само внимателно, не не закрвија до сега, нема ни од сега. Никој не е важен повеќе од граѓанинот на оваа држава, никој, ни поединци, ни раководства на партии. И мрачните структури сакаат да го заплашат поединецот, граѓанинот, затоа што го гледаат нивниот пораз и јасно им е какви ќе бидат резултатите и што е волјата на народот, истакна тој.
Само напред, рече Груевски, тоа сакам да го порачам на нашите граѓани, гордо и достоинствено, само напред, мирно и одговорно.
-Сите да излезете и да го дадете вашиот глас. Ако сметате дека треба да ни дадете поддршка нам во ред, ние ќе бидеме благодарни и нема да ве изневериме, го знаете тоа. Ние ја кажавме нашата програма и она за што се залагаме и што може да очекувате од нас, ако пак сметате дека треба да им дадете поддршка на Заев и неговите соработници повторно во ред. Поентата ми е дека тоа треба да е ваша и само ваша одлука. Јас сум убеден дека вие знаете што е подобро за вас, за вашите семејства и за Македонија.
11 декември, додаде Груевски, сите заедно да направиме да биде празник на демократијата и ден на гордост. -А вечерта да слави Македонија! Македонија ќе оди напред после 11 декември, ќе почне нова ера, и вие ќе сте дел од новата ера за Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа