Изборите прв чекор за крај на кризата - фокусот на економијата

 

Изборите се првиот важен чекор за излез од политичката криза, оцени американскиот Стејт департмент.

-Изборите се клучна можност за обнова на демократски и културен дијалог за надминување на долготрајната политичка криза,  соопшти Брисел.

Меѓународната заедница ги поздрави успешно спроведените избори во Македонија, на кои победи коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните ја препознаа програмата „Реално“ на ВМРО-ДПМНЕ, напишана на 500 страници со конкретни проекти и прецизни рокови за нивна реализација, пишува Лидер.

-Веднаш ќе пристапиме кон преговори за формирање на влада за конечно да заврши кризата, бидејќи на народот му е преку глава од кризата. Потребно е да се вратиме на патеките од економијата за отворање нови работни места, на проекти со кои ќе се решаваат сите проблеми на граѓаните. Ќе бидеме фокусирани на намалување на јазот меѓу граѓаните, заедно со сите граѓани ќе ја градиме Македонија како земја со повеќе работни места и поголем стандард, држава која ќе се движи кон Европската унија, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

И покрај тоа што на изборите немаше доминантен победник, сепак, се очекува ВМРО-ДПМНЕ да влезе во процесот на преговори за коалицирање со што би се формирала новата Влада. А, токму изборите во проекциите на домашните и меѓународните финансиски институции беа клучен фактор за отворање на патот кон повисок економски развој. В година и во 2018 се очекува да имаме динамизирање на активностите во стопанството, што значи отворање нови работни места, повисок стандард и поквалитетен живот на граѓаните.

Народна банка на Македонија прогнозира дека растот на економијата в година ќе изнесува 3,5 проценти во 2017 и 3,7 проценти во 2018.

„Се очекува по изборите состојбите да се нормализираат и во 2017 година да има стабилизирање на домашното окружување“ – соопшти гувернерот Димитар Богов при соопштувањето на проекциите.

Слични се и проекциите на Европската банка за обнова и развој, Светска банка и ММФ – сите прогнозираа економски раст и сите како главен ограничувачки фактор ја посочуваа долготрајната политичка криза во земјава.

„Политичката криза ни покажа дека може да изврши брз и негативен удар врз економијата. Првенствено, каналот се случува преку воздржаноста на инвеститорите, и на странските кои имале намера да дојдат во Македонија и на домашните претпријатија кои планирале да носат позначајни инвестициски одлуки“ – објасни универзитетскиот професор Марјан Петрески.

На ова подолг период предупредуваа и домашните бизнисмени. Нивниот апел беше дека се потребни стабилни политички текови и предвидливо окружување, за да бидат во можност долгорочно да планираат и да ги реализираат своите бизнис – планови.

„Политичката стабилност е предуслов за економската стабилност, за овозможување економски раст, кој во време на политичка криза беше тешко да се постигне, бидејќи компаниите ги замрзнаа вработувањата и планираните инвестиции“ – објасни претседателката на ССК, Данела Арсовска.

Нови работни места и подобар стандард

Во Буџетот за 2017 година е проектиран раст на вработеноста од 1,8 проценти, што во апсолутна бројка значи отворање на 11 илјади нови работни места. Со ова, пак, ќе продолжи трендот на намалување на невработеноста.

Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека стапката на невработеност во третиот квартал се намали на 23,4%, историски најниска досега. Податоците на Заводот покажуваат дека само во последното тримесечје се отворени 8 илјади работни места.

Во програмата „Реално“ се предвидени и повисоки плати, пензии и социјална помош, субвенции, но и поголема поддршка за домашниот приватен сектор, како главен носител на економскиот раст. ВМРО-ДПМНЕ одеше внимателно, па прогнозираше раст на БДП меѓу 3 и 4,5 проценти.

„Наш главен приоритет е поддршка на приватниот сектор, бидејќи е тој клучен за економскиот развој на земјава и е единствен кој што може да креира нова вредност“ – вели министерот за финансии, Кирил Миноски.

Чешки „Локотранс“, турските компании „Целмак“ и „Чагатах кабло“, грчките „Пластики“, „Секе“ и „Цераметал“, германската „ВИГ“, индиската „Малхотра“, полската „Лубринафт“ се само дел од странските инвеститори кои во изминатиов период донесоа одлуки да инвестираат во Македонија, да отворат фабрики и производствени погони. Вкупно ќе креираат неколку илјади работни места.

„Бизнис – климата која ја создадовме ни дава можност за привлекување нови познати компании да инвестираат во земјава, да отвораат нови работни места, а со тоа да се подигне и стандардот на граѓаните и економскиот раст на земјата“ – вели вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Ова, пак, значи дека ќе се зголеми бројот на домашни фирми што активно соработуваат со странците (во моментов се над 500), а тоа ќе креира индиректни работни места.

„Најактуелно е да ги вмрежиме странските со македонските компании, бидејќи во тој синџир на добавувачи меѓу домашни и странски компании навистина има големи бенефити“ – објаснува извршната директорка на Стопанската комора на Македонија, Јелисавета Георгиева.

Македонија и во време на политичка криза успеа да привлече 222 милиона долари во трите квартали од годинава.

 
 
14.12.2016 - 08:31
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега