ДИК доцна синоќа го отфрли последниот приговор на СДСМ

 

 Државната изборна комисија доцна синоќа со четири гласа „за“ и четири гласа „притив“ го одби приговорот на  Коалицијата предводена од СДСМ за постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултатите, а со кој се бараше  поништување на гласањето на избирачкото место број 2011 во Општина Теарце во Шестата изборна единица.

Претставникот делегиран од ДУИ во ДИК Субхи Јакупи се иззема од гласањето. За прифаќање на приговорот гласаа членовите на ДИК Виолета Дума, Игор Милев, Реџеп Прокупца и претседателот на ДИК Александар Чичаковски, а против Силвана Бонева, Сашо Срцев, Бедредин Ибраими и Атанас Урумов.

Пред гласањето ДИК изврши проверка на избирачкиот материјал и ги сослуша членовите на Општинската изборна комисија и на Избирачкиот одбор од ИМ во Теарце.

Претходно, ДИК прифати само еден приговор од движењето Беса и поништи гласање на едно избирачко место во Гостивар. Отфрлени беа пет приговори поднесени од Коалицијата предводена од СДСМ и седум од Движењето Беса. СДСМ, пак, вчера повлече два поднесени приговора. 

По доставувањето на решенијата до партиите учесници на предвремените парламентарни избори на 11 декември ќе почне да тече 24-часовниот рок за поднесување тужби до Управниот суд. Судот, пак, треба да одлучи по тужбите во рок од 48 часа. 

 
 
18.12.2016 - 10:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега