Дебата: Стабилна власт и јакнење на судството клучни за ЕУ и НАТО интеграциите

Формирањето стабилна законодавна и извршна власт и јакнење на независноста на судството е од клучна важност за натамошниот тек на процесот на евроатлантско интегрирање со цел спроведување на реформската агенда согласно извештаите на Европската комисија, констатирале учесниците на денешната тркалезна маса на тема „Постизборни предизвици за евроатлантските интеграции на Македонија“ што се одржа во МАНУ.

На форумот, организиран од Институтот за геостратешки истражувања и наворешна политика при МНР и Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ, биле истакнати позитивни оценки за спроведувањето на изборниот процес и очекување дека во иста демократска атмосфера и со зајакнат институционален капацитет ќе се продолжи и во пост-изборните текови.

Како што соопштија МАНУ и МНР, на настанот биле нагласени и достигнувањата на Република Македонија во рамки на реформските процеси на евроатлантското интегрирање како единствена перспектива на земјата.

- На основа на согледувањето на глобалните геополитички текови беше потенцирано дека актуелните околности наметнуваат итна потреба од внатрешно политичко и општествено консолидирање врз основа на демократските принципи на сеопшт дијалог, владеење на правото и продолжување со економскиот развој и надградување на институционалните и демократски капацитети. Во тој поглед беше оценето дека стабилна и безбедна Македонија е еден од клучните столбови на стабилен и безбеден Балкан и Европа, стои во соопштението.

На тркалезната маса, покрај претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, раководителот на Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ академик Владо Камбовски и директорот на Инстутот за геостратешки истражувања и надворешна политика при МНР, амбасадорот Абдулкадар Мемеди, присуствуваа и амбасадори и претставници на амбасади на земји членки на ЕУ и НАТО акредитирани во Република Македонија, како и постојаните членови на тинк-тенк телото Global Strategic Issues Research Initiative (GSIRI) сочинето од претставници на државни институции и академската заедница.

 
 
19.12.2016 - 16:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега