Тања Алтанџиева: ДИК не ги задоволи критериумите на барем просечно професионално постапување

 

 

„Општиот впечаток за седницата на ДИК е како не треба да изгледа една јавна седница на ДИК.“. Вака поранешниот член на Државната изборна комисија, Тања Алтанџиева, во интервју за Прес24, ја оценува маронската седница на ДИК, која беше пренесувана на медиумите. Алтанџиева вели дека иако таму, ( во ДИК)  има и стари искусни членови, сепак сите заедно на моменти не успеале да ги задоволат критериумите на барем просечно професионално и коректно постапување, заради што и крајната перцепција за тоа како работеше и одлучуваше ДИК не е добра.

-Независна државна изборна комисија ќе имаме само тогаш кога политичките партии ќе ги тргнат рацете од членовите за да бидат слободни во нивното одлучување, без притоа да чувствуваат вина за дадениот глас по некоја одлука кога не е по ќеиф на политичката партија. За жал, партиите многу често, да не кажам секогаш, од својот член од ДИК очекува да одлучува според партискиот интерес за што донеле политичка одлука. Барем сега имаме озаконета партизација на ДИК и не ме чуди, ниту очекувам, партискиот член да гласа без партиска консултација па дури и налог. Но затоа пак да не го викаат независен орган, вели Алтанџиева за Прес24.

Потенцира дека членовите на ДИК со јавната седница на која беа сослушувани и членови на  Општинските изборни комисии и на избирачките одбори, може да предизвика контра ефекти.

-На следни избори може избраните од  државната и јавната администрација масовно да не прифаќаат избор во ИО и ОИК, поради страв, срам, непријатност и ред други причини, вели Алтанџиева во интервјуто за Прес24.

Алтанџиева не гледа никава размумна причина зошт ДИК не успеа во законскиот рок да ги рзгледа сите приговир, посочувајќи примери дека во минатото имало и по 300 приговори, па сите биле решавани во законски предвидениот рок.

-Изборниот Законик има стриктна и децидна одредба чл.148 ст.3 каде јасно стои дека Државната изборна комисија Е ДОЛЖНА  во рок од 48 часа по приемот на приговори да донесе одлука. Оваа законска одредба не дава никакво дискреционо право за непочитување на рокот од 48 часа, посебно кога ДИК требаше да расправа и одлучува по само 13 приговори, освен некакви околности за кои би требало да се има оправдано објаснување. Во Изборниот Законик исто така во чл.147 е предвидено дека постапка за заштита на избирачко право  е итна. Затоа и рокот е предвиден во ЧАСОВИ, не  во денови, вели Тања Алтанџиева во интервју за Прес24.

ПРЕС24: Државната изборна комисија за прв пат одржа една маратонска седница на која беа разгледувани 13 приговори поднесени од БЕСА и СДСМ и за тоа потроши рекордно време. Прво сакам да Ве прашам, ако ДИК вака ги разгледувал приговорите, и ако за овие 13 приговори беа потребни три или четири дена, тогаш колку време му е потребно на дик, ако до него пристигнат стотици приговори?

АЛТАНЏИЕВА: Ако тргнам по логиката на поставеното прашање доаѓаме до апсурден заклучок т.е. дека времето за постапување и одлучување би било правопропорционално со бројот на поднесени приговори. Во случај на стотици приговори, претпоставено време за одлучување би било променлива категорија. Ваквиот конформистички пристап на ДИК во постапка за заштита на избирачко право на подносители на листи би можел да продуцира правна несигурност па дури и неизвесност за соопштување на изборниот резултат учесник во изборниот процес. Тоа  би можело да претпостави ситуација и на загрозување на уставниот рок од 20 дена сметано   за конституирање. Секако, разбирлив ми е поводот за вака поставеното прашање имајќи во предвид  дека имало неколку изборни циклуси кога ДИК одлучувал по стотици приговори.

Но, Изборниот Законик има стриктна и децидна одредба чл.148 ст.3 каде јасно стои дека Државната изборна комисија Е ДОЛЖНА  во рок од 48 часа по приемот на приговори да донесе одлука. Оваа законска одредба не дава никакво дискреционо право за непочитување на рокот од 48 часа, посебно кога ДИК требаше да расправа и одлучува по само 13 приговори, освен некакви околности за кои би требало да се има оправдано објаснување.

Се сеќавам во 2008 година ДИК расправаше и одлучуваше по 300 приговори и мислам рокот беше запазен. Всушност, после проучување на приговорите и подготовката за истите, ние веднаш закажавме, за првпат јавна седница која се одржа во Собранието на РМ и која се пренесуваше на собраниски канал. Во Изборниот Законик исто така во чл.147 е предвидено дека постапка за заштита на избирачко право  е итна. Затоа и рокот е предвиден во ЧАСОВИ, не  во денови.

ПРЕС24: Зошто според Вас ДИК организираше ваква седница?

АЛТАНЏИЕВА: Најискрено да Ви кажам, кога слушнав дека е одлучено седницата да биде јавна, со директен пренос  на телевизија, се израдував. Најмногу заради транспарентноста, а во интерес на подносителите на приговори и пред се граѓаните. Ако алудирате на одложување на  почетокот на седницата, сметав дека се мал број на приговори, па затоа ќе расправаат следниот ден, затоа што процениле дека ќе им биде доволен за да одлучат во рок. Се правеа подолги паузи. Инаку кратки паузи се во ред, кога им се потребни на членовите за меѓусебна координација по некое прашање кое се наметнало во текот на расправата. Општиот впечаток е дека седницата не беше баш најдобро добро подготвена, па членовите имаа потреба од дополнителни консултации.

ПРЕС24: Вие сте поранешен член на ДИК, како вие ја оценувате оваа седница на државната изборна комисија?

АЛТАНЏИЕВА: За жал, морам да констатирам дека општиот впечаток за седницата на ДИК е како не треба да изгледа една јавна седница на ДИК. Таму има и стари искусни членови има и нови, меѓутоа на моменти не успеаја да ги задоволат критериумите на барем просечно професионално и коректно постапување, заради што и крајната перцепција за тоа како работеше и одлучуваше ДИК не е добра. Стекнав впечаток дека немаат осмислен пристап како за водењето на седницата, така и во фаза при отварање на расправа по приговорот, во ситуација кога имаше повеќе различни предлози за гласање, без да се утврди целисходноста на секој од нив, а клучно влијае на текот на постапката. Тоа би требало да биде работа на стратегија на претседателот и двајцата независни експерти, како членови со описен ексклузивитет при изборот, во насока на ефикасно водење и насочување  на расправата. Кога велам ефикасно водење и насочување мислам на точна селекција, односно одвојување на неспорните факти од спорните, утврдување на редоследот за расправа по спорните факти, за да се добие логично правен заклучок, а се  во функција на рационална расправа за суштината  на приговорот.

Нецелосно  дефинирање  на пристапот кон утврдување на  спорните  факти по приоритет, пред се заради причинско последичната врска, нивно поврзување со неспорните, е недостаток кој овозможува да се жонглира со причина истите да не се прифатат како утврдени факти, во еден  логичен след на настаните. Тогаш слободното убедување на членот не е засновано на тоа што е утврдено ,туку ,,слободен избор,, или ако сакате детерминиран како ќе гласа, што секако не оди во прилог на правно заснованите одлуки.

Членовите на ДИК никогаш не треба да изгубат од вид дека се избрани со 2/3 мнозинство од Собранието и нивната работа задолжително треба да биде во функција на сите учесници во изборниот процес подеднакво, без да чувствуваат сервилност спрема партијата која ги предложила.

Имаше декларативни обиди порано за таков тренд, но за жал политичката волја не е доволно само да ја инкорпорирате во закон и да имате декларативна заложба. Искуството и практиката покажаа друго. Барем така замислував дека ќе изгледа овој ,,независен изборен орган,,со тоа што на членовите предложени од политичките партии и онака им се озакони партиското одлучување со последните  измени на Изборниот Законик, но тоа не го прави ДИК професионален изборен орган, туку претставнички орган во кој мнозинството се од политичките партии.

Професионализацијата на органот, не е во добиениот мандат и засновањето на работен однос, туку во професионалниот пристап при спроведување на изборниот процес. Дури и ad hoc organ da e, ако се сака може да биде професионален.

ПРЕС24: Она што за многумина е спорно е пробивањето на законскиот рок од 48 часа за разгледување на приговорите. Дали тоа е кршење на законските процедури?

АЛТАНЏИЕВА: Кажав и претходно, рокот е предвиден во Изборниот Законик, што значи се работи за законски утврден рок во часови и мора да се почитува.

Отстапка би била возможна само ако е нужна, неопходна и оправдана и тоа само во часови, без да се наруши следен рок и тоа се исклучоци и се работело без застој. Времето во рок треба да се испланира и почитува.

ПРЕС24: Можеби најспорен момент е одлуката на ДИК да побара графолошко вештачење на потписот на гласачката од Гостивар. Пред некој ден Јанко Бачев, чија партија беше отфрлена од овие предвремени избори рече дека нивните листи не биле прифатени поради несовпаѓање на потписите на кандидатите со нивните лични документи. Тој барал графолошко вештачење, но од ДИК добил одговор дека немаат ингеренции за такво нешто. Како гледате на овие контрадикторини одлуки на ДИК?

АЛТАНЏИЕВА: На овие избори за првпат се случува во постапка по приговор за заштита на избирачко право на подносител на листа да се изведува доказ –графолошко вештачење на потпис во избирачки список. Од формално правен аспект, ваквиот доказ е изведен врз основа на изјава на распрашан сведок како во постапка за заштита на избирачко право,  а во рамките на  постапка по приговор на подносител на листа. По однос на овој случај мислам дека одговор ќе даде поведената кривична постапка од страна на ОЈО Гостивар.

Ја слушнав изјавата и на г-дин  Јанко Бачев по однос на неговото барање за вештачење на потписите за кои ДИК одлучил дека не се совпаѓаат. Видете, ова се смешни работи по мене. Изборниот процес и сите дејствија треба да бидат во функција на запазување на процедурите како од страна на органот, така од страна и од учесниците во изборниот процес. Роковите се кратки, ако сега претпоставиме и искреираме непредвиден број возможни правни ситуации, секогаш ќе недостасува законско решение. Изјавите за прифаќање на кандидатури се неотповикливи. При веќе постојни случаи за возможно изигрување на вистинската волја за прифаќање на кандидатури, треба да се предвиди нотарски заверена изјава. Не мислам дека ДИК без причина ги отфрлил листите. Графолошко вештачење во тие фази на изборен процес е невозможна мисија. ДИК не е суд, но вакви работи се пресериозни и отвараат други теми за анализа.

ПРЕС24: Можноста за сослушување на членовите на ОИК на членови на избирачките одбори е  нова пракса во правилникот за работа на ДИК, но според вас, дали ваквиот начин, вака пред целата јавност, не е еден вид понижување на овие членови?

АЛТАНЏИЕВА: Не мора да имате Правилник за да го имплементирате законот во функција на целисходноста на спроведувањето на  постапката и правилно да одлучите. Во секое време кога не постои специјална норма, Законот за општа управна постапка како lex generalis има субсидијарна примена.

И порано сме повикувале членови на избирачки одбори и општински изборни комисии заради поконкретен опис на настанот, сме зимале и писмени изјави од нив во функција на расветлување на спорни моменти или други појаснувања, но овој пат гледано преку екран, простете, ама јас лично се чувствував непријатно. Сигурна сум дека и кога членовите на ДИК ќе ги прегледаат снимките од седницата сами ќе увидат дека не изгледаше пристојно, наредени во ред пред нив, да ги распрашуваат на начин како да се на обвинителна клупа. Делуваше репресивно. Прашањата беа поставувани како да одеа на страна на обвинение и во корист на одбраната. Кога било веќе така, барем да ги распрашуваа еден по еден, со претставување и во кое својство. Уште соочување фалеше. Оваа изборна администрација според сегашниот модел е од редот на државната и јавната администрација. Тие знаат дека имаат одговорност при прекршување на законот со престанок на работниот однос при потешка повреда на изборниот процес. Настрана фактот, ако таквата повреда има елементи на кривично дело, каде законскиот минимум на предвидената затворска казна е 5 години. И на крај дека во секој момент би можеле да бидат повикани на распит пред  ДИК со јавен пренос.

ПРЕС24: Не мислите ли дека ова што се случи со оваа седница на ДИК, во иднина може да има контра ефект, односно многу членови да одбегнуваат членство во овие избирачки одбори?

АЛТАНЏИЕВА: Токму тоа сакав да го потенцирам, на следни избори може избраните од  државната и јавната администрација масовно да не прифаќаат избор во ИО и ОИК, поради страв, срам, непријатност и ред други причини. Тоа не значи дека нема да бидат повикувани, но не на овој начин.

ПРЕС24: Дали овој формат на ДИК, што го договорија партиите под меѓународен мониторинг, ја оправдува целта за независна државна изборна комисија?

АЛТАНЏИЕВА: Независна државна изборна комисија ќе имаме само тогаш кога политичките партии ќе ги тргнат рацете од членовите за да бидат слободни во нивното одлучување, без притоа да чувствуваат вина за дадениот глас по некоја одлука кога не е по ќеиф на политичката партија.

За жал, партиите многу често, да не кажам секогаш, од својот член од ДИК очекува да одлучува според партискиот интерес за што донеле политичка одлука. Барем сега имаме озаконета партизација на ДИК и не ме чуди, ниту очекувам, партискиот член да гласа без партиска консултација па дури и налог. Но затоа пак да не го викаат независен орган. Независноста на членовите предложени од политичките партии не може да ја гарантираат останатите тројца дефинирани во законот независни екперти поддржани од политичките партии. Ова законско решение зборува за тоа дека партиите не можат да одолеат да имаат контрола врз своите членови во ДИК. Такви договори имаше и при изборот на експертите. Тоа не е модел за независна институција. Само подолг мандат на членови на ДИК, подолг од пратеничкиот состав, може да гарантира независност. Едноставно имаме супремација на партиите над институцијата под меѓународен мониторинг.

ПРЕС24: Пред изборите имаше еден долг процес на прочиствуање на избирачкиот список по барање на опозицијата за наводни фантомски гласачи, чиј број се проценуваше и до 500.000 гласачи. Како вие го оценувате целиот овој процес и каде исчезнаа фантомските гласачи?

АЛТАНЏИЕВА: Прочистувањето на избирачкиот список долго беше тема и во фокусот на вниманието  на сите нас. Се направи се да се тргнат сомневањата и да се има доверба во избирачкиот список  со цел  да се закажат и спроведат изборите. Се формира нова ,,независна,,  ДИК, се зајакнаа нејзините капацитети, пристапија кон прочистување според методологии  за кои претходно се усогласија четирите политички партии, спроведоа теренски и административни проверки, споредба со бази на податоци, за да на крај се прифати од страна на партиите дека има услови за спроведување на изборите.

Еве,изборите се спроведоа и немаше ниту еден приговор, ниту пак забележано од страна на избирачки одбор, дека дошло да гласа лице кое има сомнителен идентитет. Немаше забелешка дека е забележана лична карта или патна исправа во која некој изразил сомневање дека е фалсификат. Дотолку повеќе, што за дополнително зајакнување на довербата во избирачкиот список беше втисната и фотографија од лична карта или пасош. Основ за  избирачкиот список е Книгата на државјани и бројот на запишани избирачи на претходните изборни циклуси со сегашниот број на запишани избирачи е во тие рамки.

 

ДИК ќе треба во следна фаза да направи анализа на бројот на гласачи што гласаа на овие избори, а се водеа на посебниот избирачки список под претпоставка дека се надвор од земјата. Како и зошто тие гласачи се најдоа на тој список, а имаше изјави дека никогаш не живееле во странство. Знаете, врз претпоставени ситуации не се градат правила, тие можат да бидат само појдовна точка од каде ќе се пристапи кон финален заклучок. Како пример, по сила на закон избришани гласачи, на кои им се повреди уставното загарантираното право на глас. Но, тоа е друга тема во контекст пак на Избирачкиот список.

 
 
21.12.2016 - 20:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега