Попладнево ќе биде познат датумот за Конститутивната седница
Во Државната изборна комисија (ДИК) денеска бea врачени уверенијата за новите пратеници избрани на предвремените парламентарни избори 2016. Извештајот за спроведување на изборите и конечните резултати во текот на денот ќе биде доставен до Собранието, соопшти претседателот на ДИК Александар Чичаковски.
Уверенијата им беа врачени на овластените претставници на коалициите и политичките партии кои освоија пратенички места, а не како досега лично на новоизбраните пратеници.
Деветтиот македонски парламентарен состав ќе има 120 народни избраници. Најмногу мандати освои коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ 51, коалицијата предводена од СДСМ има 49 мандати, ДУИ 10, Беса - 5, Алијанса на Албанците - 3 и ДПА - 2. Нема да има народни избраници од дијаспората поради недоволен број гласови.
Чичаковски истакна дека изборите се спроведени согласно законските прописи и оти поминаа во фер и демократска атмосфера и оти гласањето помина согласно стандардите на меѓународната заедница и на ОБСЕ.
Освен до Собранието на Република Македонија, Извештајот за спроведување на изборите ќе биде доставен и до Агенцијата за медиуми, а другите институции ќе можат да го преземат од веб-страната на ДИК.
Овластениот претставник на ДУИ Арбр Адеми изјави дека изборната кампања и денот на изборите поминаа во демократска атмосфера. Тој им се заблагодари на сите граѓани кои придонесоа, како што кажа, во вакви околности да се организираат и да се спроведат изборите, на ДИК и на сите државни институции кои за тоа придонесоа со својата работа во рамките на Уставот и на законите, како и на сите набљудувачи.
- Ние како пратеници очекуваме од сите да се фикусираат на спреоведувањето на реформските процеси и земјата да се врати на патот на европската интеграција. Не очекува важна работа и затоа очекувам дека сите институции ќе работат за доброто на сите, рече Адеми.
Се очекува Собранието попладнево да го соопшти датумот на одржување на Конститутивната седница, која треба да биде свикана најдоцна до сабота, 31 декември, на полноќ.
Конститутивната седница, според најавите, ќе ја свика и со неа ќе претседава претседателот на Собранието во заминување Трајко Вељаноски.
Нема информација дали на истата седница ќе бидат и избрани претседател и заменици претседатели на Собранието или само ќе бидат верифицирани мандатите на пратениците.
По конституирањето на Парламентот, претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Доколку не формира влада, мандатот се враќа кај претседателот, а тој го предава на втората партија по број на мандати и постапката се повторува.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа