Иванов: Новата Влада да ги заштити државните интереси
Заштитата на државните интереси на Република Македонија што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата и системска реформа на системот за национална безбедност треба да бидат двата клучни приоритета на новата Влада, порача македонскиот претседател Ѓорге Иванов во своето Годишно обраќање.
- Овие приоритети се неопходни, пред се, поради бројните закани со кои се соочуваме и внатрешните слабости кои ги имаме. Последиците од конфликтите во регионот на Северна Африка и Блискиот Исток, илегалната миграција, активностите на странските терористички борци и нивните поддржувачи, транснационалните криминални мрежи, насилниот екстремизам, радикализам и интересите на разни центри на моќ влијаат врз поларизација на македонското општество. Тие можат да предизвикаат идни внатреетнички, меѓуетнички, и меѓурелигиски тензии во Македонија. Постои навистина висок ризик за внатрешната безбедност од надворешните закани со кои се соочуваме. Не само ние, туку и целиот наш регион, цела Европа. Поради ваквиот сооднос меѓу надворешните закани и внатрешните слабости неопходни се таквите системски реформи, рече претседателот Иванов.
Според шефот на државата, разузнавањето, Армијата на Република Македонија, граничната полиција, службите за спроведување на законите и Обвинителството мора да се трансформираат за да ја заштитат националната безбедност на државата, согласно промените на предизвиците и заканите со кои се соочуваме.
- Веќе 15 месеци сме во прогласена кризна состојба за заканата од илегалната миграција. Таа кризна состојба ќе продолжи и понатаму. Затоа, не смееме да дозволиме по изборите политичката криза да прерасне во институционална криза, рече претседателот Иванов во годишното обраќање.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа