Божикна порака на г.г. Стефан: Еве го денот на спасението
Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан упати божикна порака по повод претстојниот празник Рождество Христово - Божик.
- Еве го денот што го очекуваа старозаветните праведници и денот што го слават новозаветните богољупци – денот на спасението! Денес се исполнија претскажувањата на пророците, денес се роди Богомладенецот – Спасителот на човечкиот род. Бог се јави во човечко тело, па како вистински човек - како Богочовек да му помогне на човекот да се обожи и спаси. И токму тоа Чудо над чудата – доаѓањето на Бога на земјата, донесе радост изобилна, радост вечна. Со тој настан се помирија небото и земјата и човекот со Бога. Затоа мирот е постојаната порака на Божик: да имаме мир во себе, мир со другите – мир со сите, а со тоа мир – и со Бога!
Но, за жал, и по 20 столетија човештвото не ја разбра ни љубовта, ни жртвата, ни пораката Божја поднесени и упатени за мир и единство меѓу народите. Па, никогаш досега немало вакви спротивставувања и непријателства меѓу народите, вакви прогонства и страдања на невини луѓе, вакви обезвреднувања на човечките животи и уништувања на материјални добра и постигнувања. Народите како да заборавија дека токму мирот на земјата и добрата волја меѓу луѓето, се најголемото богатство и траен благослов од Бога. Божик – празникот на мирот е прекрасна прилика да се испитаме секој себеси, и тоа колку имаме и колку го градиме мирот – и во себе, и во семејствата, и на работните места, и насекаде и со сите. Впрочем, ако сееме правда – ќе жнееме добрина!
Само така, со такви дела и со такви постапки ќе можеме да ја почувствуваме и смислата и радоста што ја имаат и што ја донесуваат и Божик – денот на Христовото рождество и сите празници и денови! Христос се роди. Од Бога благословено Новото Лето, стои во божикната порака на г.г. Стефан.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа