Пемова најави обемни инфраструктурни проекти на ВМРО-ДПМНЕ
Пред нас претстои доста работа за реализирање на проектите од програмата која е обемна и која што содржи доста инфраструктурни проекти. Дел од тие проекти се образованието, здравството и патната инфраструктура, во која ќе инвестираме во иднина, изјави Весна Пемова, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
-Изминатиов период граѓаните на нашата земја се сведоци на градење на доста автопатишта, експресни патишта, регионални како и локални патишта, а доста и од овие проекти за патната ифрастуктура ќе се реализираат и во нашата општина. Во моментов се реновира патот Кавадарци-Росоман, ќе се изгради нов пат од селото Сопот кон Рибарци и ќе се доврши реконструкцијата на патот од Кавадарци до Неготино, вели Пемова.
Таа исто така стави акцент на значајниот и голем проект, а тоа е проектот Агропазар Македонија.
-Овој проект ќе функционира помеѓу просторот на Неготино и Демир Капија, а овој проект ќе опфати и многу складишни објекти, многу трговци, пакерски единици како и останати чинители на тој синџир на прибирање на земјоделските производи, нивно складирање и нивно дистрибуирање кон крајните потрошувачи во Република Македонија, а и надвор од нашата држава. Во овој проект се предвидува да се собира целото свежо земјоделско производство од Република Македонија и овде ќе се врши нивно калибрирање, пакување како и разладување, а одвде ќе се формира и нивната берзанска цена како и утовар и дистрибуција на свежите земјоделски производи до крајните потрошувачи, потенцираше Пемова.
Таа истакна и дека во овој регион ќе се формира аукциска куќа која ќе го организира надавањето на овие производи, а со еден збор на ова место ќе има голема концентрација на производители и на откупувачи, а тоа на земјоделските производи во иднина ќе им овозможи формирање на реална цена.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа