Груевски за „Република“: Унитарноста на Македонија не штети никому

 

Во продолжение го пренесуваме третиот од мега интервјуто на „Република“ со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Во овој дел се рзговара за двојазичноста, кантонизацијата и промената на Уставот од една дистанца по завршување на изборите, за тоа зошто има разлики во сфаќањето на патриотизмот, како и манипулациите на Сорос со овој термин на глобално ниво и паралелите на тие околности со домашната политичка сцена.

 Сепак  чувството на националист и за Вас се засили на последните избори кога се спротивставивте на двојазичноста на целата територија, кантонизацијата и на промената на Уставот во тој правец…

ГРУЕВСКИ: На последните избори СДСМ отиде со понуда кон Албанците која нема да им го подобри животот, но звучи примамливо на прв поглед, особено кога некој друг вели не. Албанците во Македонија се околу 25 отсто, Македонците околу 65 отсто. 25 и 65 не е ни исто ни приближно. За да имате двојазичност на целата територија, потребно е процентите да се изедначени или приближни, што не е случај. Второ, потребно е населението да е измешано низ целата земја и низ сите поголеми градови и села, што, исто така, не е случај во Македонија. Што корист ќе има Албанец ако во Делчево, Гевгелија, Струмица или во Кавадарци има двојазичност. Таму каде што им е потребна и корисна двојазичноста, таму ја имаат. И така треба. Тоа е правилен концепт. Ако во тој концепт нешто недостига, тоа може да се дебатира или подобри, но со закон да ја тераш повеќе од пола земја да учи албански јазик, кој нема допирна точка со македонскиот, е нелогично барање. Јазик се учи ако ти треба. Што му треба на некој во Берово, во Крива Паланка или во Демир Капија да учи албански кога во цел град или нема ниеден или има многу малку Албанци. Како ние, политичарите би им ја објасниле на граѓаните таквата одлука. Згора на сѐ, тоа чини многу и финансиски. Ајде вака да кажеме, ајде да замислиме дека политичарите во Македонија ќе донесат одлука со која сите Албанци ќе мора да научат турски или влашки. Сакале-не сакале, им требало или не им требало. Затоа што некому му паднало на памет дека така ќе освои повеќе гласови или некој му кажал така. Генерално, познавањето јазик е позитивна работа и на доброволна основа секој може да прави сѐ, и државата треба да го поттикне тоа, но сосема поинаку е да мора секој да го учи. Уште повеќе што зад идејата за двојазичност на целата територија се криеше следната идеја или план, планот за кантонизација, што не беше препознатлив само преку настапите на Заев во Швајцарија, туку и во нивната програма користејќи вокабулар кој е прикривачки, но суштината иста.

Што најмногу Ве плаши кај концептот на кантонизација?

ГРУЕВСКИ: Растурање на државата.

 Зошто? Како не се растури Швајцарија или Белгија?

ГРУЕВСКИ: Има огромна разлика меѓу нив и нас. Прво, ние живееме во турбулентен регион, со многу радикални структури и многу конфликти во историјата. Со дел од соседи кои, како и низ историјата, сѐ уште на Македонија или на дел од неа гледаат како можен плен во иднина. Не е случајно што македонското прашање сѐ уште не е затворено.

Кантонот е држава во држава, која има право на самоопределување до отцепување. А, ова е Балкан. Ние немаме по 60 илјади евра БДП по глава на жител, па тоа да ни е кохезивен фактор. Погледнете ја Босна, и таа е кантонска земја. Нека падне Белгија или Швајцарија на 5-6 илјади евра БДП по глава на жител, па ќе видите што ќе се случи со кантоните. Значи, мојот став и ставот на ВМРО не е против Албанците, туку во правец на зачувување на целовитоста и унитарноста на државата. И секој Албанец што сака да живее во оваа земја, а не во друга, треба да знае дека ние сме на негова страна, а не против него.

Федерациите и кантоните на Балканот и во источна Европа немале голем успех и обично тие делови од историјата завршувале со многу насилство, таков беше случајот и со Југославија, таков е и случајот со Босна, и со многу други примери. Она што го посакуваме е Македонија да има унитарност и територијален интегритет како Естонија и Летонија, земји кои се демократски, кои припаѓаат на НАТО и на ЕУ, со човекови права за сите, а Македонија покажа дека е подготвена да оди и подалеку во малцинските права од овие земји, кои се силно приврзани за евроатлантските интеграции. Македонија, впрочем, може да послужи како позитивен пример за многу европски држави на тој план. Значи, Македонија ќе го развива својот концепт на мултикултурност и толеранција, без процеси на федерализација и кантонизација затоа што тоа може да доведе до фрагментација на државата.

Но, да се вратиме на првичното прашање, а тоа е дека веројатно не сме дел од концептот и идеологијата на Сорос затоа што сме националисти. Не е националист тој што си ја сака државата и е внимателен да не се распадне. Тој може да е само добар патриот. Ако и тука со Сорос имаме разлики, а можно е да имаме, тогаш, дефинитивно, имаме идеолошки разлики.

Зошто мислите дека е можно да имате разлики околу патриотизмот?

ГРУЕВСКИ: Затоа што една од активностите на Соросовите невладини организации е врбување на поспособните млади луѓе низ универзитетите, од сите етнички и религиски припадности, и нивна класична индоктринација преку предавања, меѓу другото, за концептот на држава и национална припадност, а во правец дека не треба да се чувствуваат Македонци, туку граѓани на светот, утопистичка идеја која никаде не функционира, а ние треба да сме експеримент и да ја загубиме државата со таков однос кон неа. Дел од луѓето што заталкале на такви предавања, а примамени од понуди за бесплатни патувања низ светот и лесна заработка со одржување на неколку студентски предавања, ми раскажуваа подробно за оваа индоктринација. Граѓанин на светот добро звучи, ама не е реалност. Еве за почеток нека проба Сорос во Америка да ги убеди Американците дека не се Американци, туку граѓани на светот, па потоа Британците, Французите, Германците, Италијанците, Русите, Кинезите, Јапонците, Бразилците… ако му  успее идејата таму, нека дојде кај нас. Додека тој ја тера агендата кај нас, некои во нашето опкружување ги сукаат мустаќите предручек. Ако не верува, нека поживее некој месец во регионот, да го запознае лично, а не преку извештаи на корисниците на неговите пари, на кои им верува сѐ. Во време во кое има 35 активни војни за територии во светот, во време кога ни упаѓаат терористичко- криминални групи со цел да запоседнат дел од територијата на нашата држава, со оружје посовремено од нашата полиција, во време кога излегуваат разноразни извештаи на поранешни разузнавачи дека ќе се прекројуваат граници на Балканот, при што Македонија е посочена како земја од која треба да се намали еден дел, во време кога не ни ги признаваат идентитетот и името, Соросовите невладини организации пропагираат и наметнуваат чувство на срам и тоа го прикажуваат како да е под чест да се има цврст став за вакви теми. И се борат со сите сили да нѐ симнат од власт за полесно да тераат со СДСМ. Па, со таа цел нѐ прават националисти, недемократи, режим, криминалци, лоши луѓе, ни спинуваат, ни вадат од контекст…

Нашиот концепт е дека му припаѓаме на светот на човештвото, и на тоа имаме подеднакво право како и сите други, истовремено припаѓајќи кон својот народ, кон својот град, кон својата држава. Глобалниот идентитет не треба да ги негира, да ги исклучува националниот и државниот идентитет, туку тие треба да се надополнуваат, да бидат комплементарни.

Во суштина, она по што се разликуваме од тоа за што се залагаат Сорос и неговите послуги не е ставот дека луѓето се граѓани на светот, нешто со што во потполност се согласуваме, туку реалноста во која неговата агенда сака да ги избрише и релативизира државите, државните и националните идентитети кои постојат со векови, за кои се врзани многу емоции, чувства и обележја.

Знаете, во една смисла, тоа што сакаат да ни наметнат дека сме националисти, и делумно успешно го направија тоа, во голема мера ме потсетува на она што му се случуваше на новиот американски претседател Доналд Трамп. Деновиве ја читав неговата книга, свежо ми е, и затоа ќе повлечам една паралела. Низ кампањата во Америка, и таму и кај нас многу медиуми пренесуваа дека Трамп е против Мексиканците, дека Трамп е против Американците од Јужна и од Средна Америка што говорат шпански, дека е против имигрантите, против Црнците, итн. Со обзир дека не секој има време и можности детално да чита и анализира, претпоставувам многу неинформирани гласачи гласаа против него верувајќи дека навистина го кажал тоа. Читајќи ја внимателно книгата „Повторно величествена“, се уверив дека Трамп не говори така. Тој вели треба да ја сузбие нелегалната миграција, која во Америка е огромна и во најголем дел доаѓа од Мексико и од земјите со латински јазици од Јужна и од Средна Америка. Но, истовремено вели тој, парафразирам, дека приливот на имигранти што доаѓаат да живеат и да работат во Америка не треба да запре, напротив треба да се зголемат годишните квоти на имигранти од сите земји, да се поедностават, да се издаваат побрзо и поефикасно, вклучувајќи ги и Мексико и Јужна и Средна Америка, но, по легален пат, а не илегално затоа што обично преку илегалното доаѓање се спровнуваат, покрај чесни и работливи луѓе, и многу криминалци, бивши затвореници за дрога, кражби, убиства, силувања и слично, и на тој начин некои држави им ги испраќаат најлошите луѓе и се ослободуваат од нив, а тие во Америка ги трпат секојдневно последиците во секоја смисла.

А, што пренесуваа медиумите? Дека Трамп рекол оти е против Мексиканците, против имигрантите, дека имигрантите се силувачи и убијци итн. Значи, тотално вадење од контекст на една добра и благородна идеја, нешто што секој здраворазумен човек би го поддржал, но ако така стигне до него, како што е кажано. Тој додава дека на негова страна ќе се чесните и способни Мексиканци, Кинези и луѓе од други земји што не сакаат да дојдат во Америка заради криминал или живот со социјална издршка од државата, туку чесно да влезат во системот и да придонесат во издигнување на државата, а притоа да си обезбедат подобар живот за себе…

 Која е паралелата со нас?

ГРУЕВСКИ: Паралелата е со нашиот наводен национализам кон Албанците. Токму ние ги имаме направено најважните работи за нашите граѓани Албанци, никогаш не сум кажал ниту еден лош збор за нив, еве погледнете ги моите настапи за Албанците на митинзите во Штип, во Гази Баба, во Крушево, во Карпош, Велес… и на други места, каде што малку подолго го елаборирав тоа што го мислам за предлогот на Заев и за Албанците. Но, тоа не го имаат чуено Албанците, ним некои медиуми и политичари што се мои противници им врежаа во глава дека ги мразам Албанците, дека сум против нив, дека сум против албанскиот јазик, универзитети, знаме и слично, што е невистина. Тотална невистина. Не само што е невистина, туку е и обратно. И видете, тоа го говорат од СДСМ, партија која во минатото на дело покажа антиалбанство.

Значи, паралелата е во спинувањето, во лагите на медиумите и во политичкиот противник без ниту еден факт…

Крај на третиот дел од мегаинтервјуто на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, за „Република“

 
 
05.01.2017 - 13:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега