ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ никогаш ништо не направил за подобрување на образованието

 

Наместо конструктивни проекти и мерки за како да се унапреди животот на граѓаните во било кој поглед, јавноста повторно е сведок на најрaзновидните планови на СДСМ за укинување, рушење или намалување на бенефитите воведени во интерес на сите, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

во продолжение следува интегрален текст од реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ

Така е и со концептот за екстерно тестирање за кое што повторно се закануваат дека ќе го укинат, при тоа заборавајќи дека истиот како потреба се образложува токму во периодот кога СДСМ беа на власт, односно во рамките на Националната програма за развој на образованието во Република Македонија 2005-2015, каде, меѓу другото, како причини се наведуваат субјективноста во оценувањето на наставниците, но и тенденцијата на се поизразеното зголемување на процентот на одлични ученици во последните години, додека тие раководеа со институциите.

Потсетуваме дека моделот на екстерно тестирање кој што се применува од оваа учебна година е значително унапреден согласно конструктивните сугестии и предлози на чинителите во процесот. Во таа насока од оваа година оценките кои ќе ги добиваат учениците нема да влијаат на општиот успех. Тие наместо во ученичкото свидетелство, ќе се впишуваат во негов додаток и ќе бидат еден од критериумите кои ќе обезбедуваат предност при упис во средно училиште, односно на факултет, а учениците од четврто и петто одделение нема да бидат дел од тестирањето.

Исто така ревизијата и ажурирањето на прашањата ќе се врши од страна на комисија која, по пат на јавен оглас за секој предмет ќе ја формира имплементаторот на овој процес, Државниот испитен центар, а за дел од предметите оваа активност е веќе завршена, а секоја комисија e составена од еден универзитетски професор кој го предава соодветниот предмет и двајца наставници од основно, односно средно училиште, со што би се унапредил степенот на професионалност. Дополнително учениците ќе можат да си го проверуваат знаењето преку пробни тестови, за чие генерирање веќе се изработува посебна системска апликација.

Очигледно за Социјалдемократскиот сојуз воведувањето на било какви реформи меѓу кои и образовните се неприфатливи, со оглед на тоа што во минатото кога имале можност да управуваат со институциите биле преокупирани исклучиво со криминалниот процес на приватизација.

Таквото деструктивно однесување од страна на СДСМ доминира до ден денес во последните 25 години, но јавноста ги препознава нереалните ветувања дека сите ученици и студенти ќе ги имаат највисоки можни оценки, како и заканите за бркање на наставници и професори од работа преку намалување на фондот на предмети и часови, идеи кои што на изборите ги доведе до десеттиот пораз по ред.

И покрај тоа што СДСМ никогаш ништо не направил за подобрување на образованието, сметаме дека крајно време е да и погледнат на вистината во очи, да се соочат со изборниот резултат, и да сфатат дека и во наредниот период ќе продолжат да бидат опозиција и дека нема да имаат можност да укинуваат рушат или намалуваат било која мерка која што носи бенефит за граѓаните и идните генерации за кои што никогаш не помислуваат.

Истовремено ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи како со изградба на нови образовни  објекти, така и со имплементација на нови и унапредување на веќе постоечките реформи и концепти кои го унапредуваат целокупниот образовен систем на сите нивоа со цел истиот да биде што можно поконкурентен и во чекор со меѓународните трендови.

 
 
15.01.2017 - 14:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега