4000 ученици одат на августовско екстерно тестирање
Месецов на 16-ти и 19-ти околу 4000 ученици ќе полагаат екстерни тестови, а се работи за ученици кои поради различни причини не полагале во првите две испитни сесии во јуни.
Во Министерството за образование и наука информираат дека веќе ги доставиле распоредите по предмети по училиштата и дека секој ученик веќе знае кој предмет ќе го полага: - Со завршувањето на августовската сесија ќе се знае дали ќе има ученици што ќе го испуштат и ова полагање. За нив не е исклучена можноста да се организира уште една вонредна сесија. Отсуство е оправдано само со лекарска потврда. Наша цел е никој да не биде оштетен, вели Давор Политов, портпарол во Министерството, за Нова Македонија.
- Кога ќе се заокружи целиот процес, ќе има детални анализи, по кои точно ќе се знае кој наставник како оценувал во текот на учебната година, па потоа ќе правиме како што налагаат законите, додава тој.
Инаку, според законот, 15 отсто повисока плата ќе земаат оние наставници што објективно оценувале, а за исто толку помала плата ќе земаат оние наставници кои не биле објективни во оценувањето. Оние што годинава ќе имаат отстапки за две и повеќе оценки ќе одат на советувања што ќе ги реализираат советници во Бирото за развој на образованието. Ако и покрај тоа, две години по ред наставникот не оценува објективно, ќе добие отказ, и тоа „доделен“ од директорот на училиштето.
- Мерката не е ригорозна, оти по првата година е предвидена советодавна работа со овие наставници. Ова ќе се однесува на екстремни случаи, каде што штетата на учениците ќе биде многу поголема отколку работниот статус на наставникот, кој и по две години не покажал напредок во оценувањето , објаснуваа од Министерството.
ФОТО: Нова Македонија