Ѓорчев: Правдата пред македонските институции ќе го стигне Заев и неговото злосторничко здружение

 

Фарсата наречена Специјално јавно обвинителство целосно се делегитимираше себеси. Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната седница ја разгледуваше и анализираше последната скандалозна одлука на СЈО со која што Зоран Заев по втор пат избегнува кривична одговорност за криминалот во кој што е фатен, рече Владимир Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес конференција.

Во продолжение ја пренесуваме изјавата интегрално:

Врз основа на изнесените правни аргументи, беше оценето дека станува збор за срамна одлука со која што СЈО наместо орган кој што гони криминал се промовираше себеси во партиски орган на СДСМ и СОРОС, чија што основна задача е да го штити криминалот на Зоран Заев и злосторничкото здружение формирано околу него.

Оваа одлука претставува и еден вид на преседан, бидејќи експертската јавност не памети во правната пракса во Република Македонија, некој Јавен обвинител да се откаже од застапување на обвинението во оваа фаза на постапката, кога обвинителниот акт е правосилен и потврден од совет на судии. Со партиската одлука на Катица Јанева се дерогира и претходната судска пресуда изречена по признание на еден од членовите на злосторничкото здружение на Заев и Верушевски.

Политичката одлука на Катица Јанева е најдобра потврда дека Зоран Заев и Верушевски се фатени во криминал и дека органите на истрагата го поткрепиле случајот со цврсти и несоборливи докази.

Почитувани присутни,

Во спротивно, немаше да постои причина Катица Јанева по втор пат да го спасува Зоран Заев од кривична одговорност со аболиција и амнестија. Катица Јанева само потврди дека е инструмент во рацете на СДСМ и Сорос.

Ќе има правда, и ќе има мир кога криминалци како Зоран Заев ќе одговараат пред судовите и кога нема да постојат разни Катици и СЈО-а за да ги спасуваат. Ќе има правда, и ќе има мир бидејќи народот ги прочита платениците на СДСМ и Сорос кои што молчат и се кријат после втората аболиција на Зоран Заев.

Правдата пред македонските институции ќе го стигне Заев и неговото злосторничко здружение, порано или подоцна. Тие мора и ќе одговараат за се што и сторија на Република Македонија и на македонскиот народ.

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ги охрабрува институциите да работат согласно Уставот и законите и да не дозволат сторениот криминал да минува неказнето. Зоран Заев не е, ниту смее да биде привилегиран и над останатите граѓани.

Почитувани присутни,

Би сакале, и да упатиме и уште една порака. Би сакале да му ја честитаме инагурацијата и стапувањето на функција на новиот Претседател на САД, Доналд Трамп и да посакаме стратешкото сојузништво помеѓу Република Македонија и САД да продолжи да се развива и да се интензивира.

Исто така го честитаме и изборот на господинот Антонио Тајани за претседател на Европскиот Парламент. Господинот Антонио Тајани е долгогодишен пријател на Република Македонија, поддржувач на ВМРО-ДПМНЕ и се надеваме дека со неговото претседателство во Европскиот Парламент, соработката помеѓу Република Македонија и ЕУ ќе се интензивира и дека Република Македонија ќе остане на патот на она што е наша стратешка определба, тоа е полноправно членство во ЕУ.

 
 
20.01.2017 - 15:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега