Заев го напаѓаше ДУИ дека е корумпиран, сега намигнува за влада – членството на СДСМ незадоволно

 

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев нема никакви принципи кога станува збор за доаѓање на власт. Тој ги навредуваше ДУИ дека се дел од тендерската коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, а сега ги моли да влезат во коалиција со него.

-Отворивме две бомби од триесет и четирити, 37-те колку беа, за ДУИ без специјално двете и еве јавно кажувам, корумпиран е и делот на ДУИ и бегање од тоа нема. Заедно со ВМРО-ДПМНЕ делеле пари сопственост на Република Македонија и на граѓаните. За пусти пари е ова забегано општество не за нешто друго, секако моќта заради пари и нема дилеми тука, вели Заев во интервјуто за Нова ТВ.

И додека претходно за Заев ДУИ беше корумпирана, според високи партиски извори на Дневник од СДСМ раководството на СДСМ е подготвено да ги прифати сите точки од заедничката платформа на албанските партии и веднаш да направи министерски состав доколку ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ сне договар формирање на Влада.

Ваквата одлука на Заев, како што пишува Дневник, нема лесно да му мине без согласност од членството, ако одлучи да ги прифати сите услови на платформата.

– Добар дел од луѓето во СДСМ нема да го дозволи тоа, оти се коси со целата борба изминатиот период, односно со сите принципи за кои говореше и самиот тој уште од почетокот на објавувањето на бомбите пред повеќе од две години, велат од членството на СДСМ за Дневник.

Формирањето влада е најгорливото прашање за кое се дискутира меѓу членството, особено меѓу оние кои не се согласуваат со чекорите кои ги презема Заев.

Пред избори Заев целосно беше ориентиран кон БЕСА и останатите, а сега преку аналитичари блиски на партијата им испраќа сигнали дека е подготвен да ги прифати максималистичките барања само за да дојде на власт.

Аналитичарот на СДСМ Сашо Ордановски потврдува дека формирањето на влада СДСМ-ДУИ ќе значи унапредување на Албанците.

-Затоа јас цело време ја застапувам дека приказната во Македонија е процес и дека не е предмет на тоа што Вие или јас можеме да мислиме. Има процес во текот на тој процес. Сега формирање на Влада меѓу СДСМ и ДУИ веројатно ќе ја унапреди целата позиција и на Албанците во процесот, додава Ордановски.

Ордановски оправдувајќи ја изјавата на Заев вели дека нема ништо спорно во тоа СДСМ да ја прифати Платформата.

Аналитичарот на СДСМ вели и дека федерализацијата на Македонија е легитимна.

-Јас не сум против федерализација, јас само знам дека за тоа има процес политички кој кога би се покренала темата која потполно е легитимна мора да помине низ одредени законски, уставни можности. Редефинирањето на Македонија како државата од ова што сега е, бара промена на Уставот, вели Ордановски.

Пораките до ДУИ СДСМ ги испраќа и преку Бранко Героски кој вели дека СДСМ е втората албанска партија во Македонија.

За Героски и Бранко Тричковски барањата од Платформата на албанските партии се многу меки. Главниот медиумски стратег на опозицијата, Героски во колумна пак пишува дека очекувал пожестоки, посуштествени и поконкретни барања

-Очекував многу повеќе од „заедничката пплатформа на албанските партии за Македонија“, подготвена под спонзорство на Тирана. Очекував пожестоки, но посуштествени и попринципиелни барања. За жал, тие тоа не се. Не се „историски исчекор“, како што се фали Еди Рама, пишува Героски.

За Тричковски платформата на албанските партии е “добра основа за формирање на влада“. Тричковски пишува “не гледам зошто во Уставот не би се ставила формулацијата дека македонскиот и албанскиот јазик се официјални јазици во Република Македонија“.

-Не гледам зошто не би ја смениле химната која во музичкиот дел е катастрофална, а во текстуалниот грозна, не можам да сфатам зошто да не ги хармонизираме и знамето и химната, со нашата сварност.  Конечно, Македонецот мора да разбере дека државата е сериозна работа и дека ако реши десетина години да и се препушти на идиотската хистерија на ВМРО, цената ќе мора да ја плати. Треба да биде среќен ако помине само со овие „издатоци”!, пишува Тричковски.

И поранешниот министер од СДСМ и кандидат за претседател на опозицијата, Љубомир Фрчкоски вели дека нема ништо против албански јазик да се учи од прво одделение и да го учат факултативно и Македончињата.

-Односот на опозицијата е неразбирливо позитивен кон Албанците, на штета можеби и на губење на некои македонски гласови. Тука Заев игра похрабро од тоа што јас очекував, јас можам тоа да го речам дека албанскиот јазик можеби може да се учи од прво одделение факултативно и Македонците можеби можат да го учат албанскиот јазик од прво одделение, тоа не е страшно, вели Фрчкоски и додава дека тоа за политички лидер директно да го понуди во кампањата е многу храбро.

За потсетување медиумите уште пред две години пренесувајќи изјави на Фрчковски и Заев пишуваа дека СДСМ подготвува терен за федерализација на Македонија.

 
 
25.01.2017 - 16:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега