Хан доаѓа во Скопје - се подготвува широка коалиција?
Колкави се шансите еврокомесарот Јоханес Хан во Скопје да дојде со цел да ја формира широката владина коалиција и на тој начин да стави крај на кризата.
По вчерашната средба на потпретседателите на СДСМ и ДУИ, актерите излегоа со усогласени изјави дека практично ништо не договориле односно станува збор за првични разговори.
„Вие сте свесни дека ова не беше долга средба, за сите прашања ќе дискутираме со нашите потенцијални коалициони партнери и за сите прашања ќе ја известуваме македонската јавност. Ова е прва средба, тоа значи дека информациите кои беа присутни во јавност штотуку не се договорило се, не беа точни така што денеска на првата ваква средба тешко е да даваме прогнози меѓутоа велам целта ни е заедничка, средбите ќе продолжат тогаш кога дискусиите ќе завршат во рамки на двете политички партии.“ – изјави Шеќеринска.
Арифи само ги повтори оние изјави кои ДУИ константно ги дава во послдните неколку дена.
- Јавноста е запознаена со нашите барања, реализирање на скопскиот договор во однос на прашањето за Специјалното јавно обвинителство исто така прашањата кои се поврзани со реализација на Охридскиот договор и интеграција во Европската Унија и НАТО заедно со целосната еднаквост на Албанците тука - рече Арифи.
Интересно е што вчера беше потврдена и информацијата дека комесарот Хан доаѓа во Македонија во четврток. Ако се имаат предвид серијата изјави од ЕУ во кои некои аналитичари протолкуваа барање за формирање на широка коалиција во која би учествувале сите партии, посетата на Хан на која средбите со лидерите се ставени на маргините никој не може да исклучи дека ќе се врши притисок за ваков излез од кризата.
Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, денеска за МИА потврди дека главен настан поради кој Хан доаѓа во Република Македонија е состанокот на министрите за надворешни работи и енергетика/економија од шесте балкански држави (Македонија, Косово, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора).
Гласноговорничката на Еврокомисијата, потврди што ќе се разговара на министерскиот состанок, а тоа е унапредување на пазарот за електрична енергија на Балканот, а и потврди дека и политичките лидери од Македонија ќе се најдат на агендата на Хан.
- Комесарот Јоханес Хан ќе биде во Скопје во четврток на 9 февруари на состанокот на министрите за надворешни работи и енергетика од шесте земји на Западниот Балкан. Учесниците ќе го забележат постигнатиот напредок во енергетскиот сектор и ќе разговараат за мерки за унапредување на регионалниот пазар на електрична енергија. Исто така, ќе се разговара за подготовка на Самитот за Западен Балкан, што во јули ќе се одржи во Трст, Италија. На маргините, комесарот Хан, исто така, ќе има и билатерални разговори, меѓу кои и со претставници на сите политички партии на земјата-домаќин, изјави Маја Коцијанчич.
Како што е познато, еворкомесарот Хан доаѓа во Македонија за време на заглавените разговори за формирање на влада, по парламентарните избори на 11 декември минатата година, при што со себе ја носи идејата на неформалната влада на Европската унија за создавање на широка владина коалиција во земјата, која ќе има задача покрај многу реформи, да го реши и прашањето околу разликите за името со Грција
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа