ВМРО-ДПМНЕ: Предвремени парламентарни избори заедно со локалните

 

На барање на амбасадорот на ОБСЕ, Нина Соумалаинен, беше одржана средба со Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ г. Никола Груевски, придружуван од партиските соработници Владимир Ѓорчев, Александар Николоски и Никола Попоски.  На средбата амбасадорката на Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија, Нина Суомалаинен го презентираше извештајот за активностите на ОБСЕ во земјатa. Во однос на политичките односи и ситуација, амбасадорката посочи дека Мисијата на ОБСЕ не зазема страна и не се во позиција да промовираат никакви политички опции претставени преку партиите.

          На прашањето поврзано со создавање владина коалиција од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше потенцирано дека состојбата во Република Македонија е зрела за одржување на нови предвремени парламентарни избори поради тесното мнозинство кое би било направено 

        Од ВМРО-ДПМНЕ на прашањето доколку СДСМ формира Влада, дали истата ќе биде прифатлива за партијата, беше одговорено дека секоја партија која носи одлука за формирање коалиција без партијата која добила најмногу гласови и најголема поддршка од народот на изборите, треба да знае дека во исто време носи одлука да се соочува со проблеми во иднина својствени на ситуации кога се игнорира волјата на мнозинството граѓани.

          На забелешката дека постојат држави каде се случува победничката партија да не влезе во владејачката коалиција, беше одговорено дека во изминатите повеќе од десет години одвнатре и однадвор беше постојано потенцирано дека Македонија е многу различен случај, дека не е иста со останатите земји и има една специфика, а тоа е мултиетничноста, и дека во таква ситуација исклучително е важно победникот кај македонските гласачи и победникот кај албанските гласачи секогаш да коалицираат.

          Сега кога ВМРО-ДПМНЕ е победник, и одвнатре и однадвор се заборава тој принцип. Сите треба да знаат дека ако еднаш се прекрши тој принцип, истото ќе стане неповратлив процес. Затоа што не може тој принцип да важи по потреба, само кога на некој друг му одговара, и тоа веќе не е принцип. Доколку сега се отстапи од тој принцип, и  свесно се прекрши, секој еден кој во иднина кога ќе се сменат околностите, ќе помисли да дојде и повторно да се обиде да не убедува да го воспоставуваме тој принцип, треба да знае дека без дискусија ќе биде избркан од штабот на партијата, а партијата ќе коалицира со кого ќе отцени дека е најдобро за самата партија и земјата, како што е и во другите држави.

          Беше објаснето дека во минатото ВМРО-ДПМНЕ можеше во некои ситуации самата да формира Влада без дополнителен коалиционен партнер или пак да преговара и договори коалиција со друга помала албанска политичка партија со која би постигнала подобар коалиционен договор по сите основи.

          Во однос на прашањето околу барањата за промени во делот на употребата на јазиците, беше одговорено дека ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со спроведување на принципот на двојазичност на целата територија на Република Македонија, не затоа што има против албанскиот јазик или албанците во Македонија, туку затоа што тоа не би било одраз на демографската реалност во Македонија, имајќи го во обзир бројот на македонци, албанци и останати како и географската концетрација на жителите од албанска националност.

          Во однос на прашањето базирано на ставот на партијата, кога евентуално би можело да се  организираат парламентарни избори, од партијата беше посочено дека од економска гледна точка во смисла на трошоци за изборите, како и другите проблеми кои ги создава секое организирање избори, би било најдобро да се за време на локалните избори, но тоа би можело да се дискутира помеѓу партиите доколку има политичка волја, а не страв и одбивање како што демонстрираше СДСМ.

 

          Заеднички беше констатирано дека ОБСЕ со повеќе проекти во минатото помогна на Македонија.

(Интегрален текст од писмено соопштение на ВМРО-ДПМНЕ)

 
 
07.02.2017 - 13:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега