Сител: Ако се враќате од овие земји задолжително мора да се јавите на лекар

Лекарски преглед, крвна анализа и неколкудневен надзор за сите македонски граѓани кои се враќаат од африкански земји каде има маларија. По влез во земјата задолжително мора да се јават во центрите за јавно здравје каде ќе ги поминат овие процедури. Здравствените власти одлучија за поригорозна примена на законот откако за неполн месец двајца скопјани и двајца тетовци во земјата се вратија заразени со оваа тропска болест. Според информации на Сител, покрај здравствениот надзор, утре на Комисија за заразни болести ќе присуствуваат и претставници на двете фирми кои носат наши граѓани на привремена работа во Гана и Централно африканската република. Епидемиолозите очекуваат одговори од нив колку ги штитат работниците и дали водат сметка за нивното здравје додека се во Африка.

-Тоа е опасна болест и мора да бидат информирани и заштитени сите кои одат во земји под ризик од вакви болести, вели Звонко Миленковиќ, претседател на Комисија за заразни болести

Од четворицата заразени годинава, еден тетовец веќе почина а неговиот сограѓанин е на лекување во Клиниката за Инфективни болести. Никој од нив не земал антималарична терапија како што треба.

Во скопскиот центар за јавно здравје, минатата година хемопрофилакса земале 312 лица. Таа била неопходна поради нивното патување во земји каде има маларија. Според податоците, речиси сите се меѓународни патници. За оние кои одат на привремена работа на африканскиот континент, оваа заштита им ја обезбедуваат фирмите.

Маларијата е тешка болест и според епидемиолозите може да предизвика компликации и на други органи или да заврши фатално. 

 

 

 

 

 

13.02.2017 - 19:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега