Бесими: Има доволно простор младите да се вклучат во работните можности во Македонија
Лидерите во општеството во сите сектори да се посветат на градење партнерства со младите, овозможувајќи им градење вештини, ресурси и мрежи кои им се потребни, охрабрувајќи ги да бидат агенти на промените во нивните заедници, е пораката која ја упати Ивана Давидовска, претседател на Националниот Младински совет на Македонија, денеска на прес - конференција по повод 12-ти Август, меѓународниот ден на младите.
- Ние сме тука, сегашност сме и ги имаме сите оние знаења и компетентност од различни области за да можеме заеднички со сите релевантни институции да го правиме светот поубав, нагласи таа.
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Бесими по овој повод ги повика младите да бидат поактивни и поконкурентни затоа што, рече меѓу другото, тие се перспективата и иднината на Република Македонија. Според последните статистички податоци, информира тој, младите од 15 до 24 години учествуваат во вкупното активно население со околу 10 проценти, од вкупно вработените се 6,7 проценти, додека 18 проценти од вкупниот број невработени во Република Македонија.
- Има доволно простор за младите поактивно да се вклучат во работните можности во Република Македонија. Во последните години, посебно во период на криза, има позитивен тренд сигнали дека на пазарот на трудот во однос на бројки. Но, тоа не значи дека е доволна динамика, нашиот раст треба да биде уште поголем, рече вицепремиерот Бесими и ги повика младите активно на различни начини да учествуваат во европскиот процес на државата.
- ЕУ има голема важност за младите и нивната иднина, тие да не бидат пасивни во соочувањето со предизвиците, бидете креативни имајте отворени умови кои ќе се фокусираат на многу поголеми цели, а ЕУ ќе продолжи да работи со оваа држава, апелираше на прес - конференцијата меѓу другото Петра Андерсон од Делегацијата на ЕУ.
Оваа година прославата на Меѓународниот ден на младите е во знакот на младинската миграција. Во светот, на годишно ниво од 214 милиони мигранти, младите се 10 проценти, а се знае многу малку, подвлекуваат од Младинскиот совет, за нивните борба и искуства. Во Македонија секоја година мигрираат илјадници граѓани, внатре, но многу повеќе надвор од границите. Младите мигранти се застапени со 16 проценти од оние кои мигрирале надвор од државните граници.
За Бертранд Дезмолинс, в.д. координатор на ОН, од УНИЦЕФ во Република Македонија, идентификуваните приоритети за младите, кои имаат огромен потенцијал, се образование, поодговорни влади, подобар здравствен систем и поголеми можности за вработување.