Александар Ној: Македонија е под надворешен притисок
Пратеникот на партијата „Левица“ (Линке) во германскиот Парламент др. Александар Ној смета дека Европската унија и западните сили мора да го почитуваат суверенитетот на Република Македонија, која, пак, од друга страна мора сама да се избори со предизвиците со кои што се соочува.
- Да се почитува суверенитетот на една земја значи да не се интервенира во внатрешните работи, а познато е дека и Берлин и Брисел интервенираат во внатрешните работи на Македонија, на Србија, и на Црна Гора, вели Ној во изјавата за МИА.
Запрашан дали е во ред да се примаат совети од партнерите од организациите каде што сакате да членувате Др. Ној вели дека совети се прифатливи, но не и притисок. Според него, тоа се сосема различни работи.
- Мислам дека Македонија е под притисок. Ајде да зборуваме за Охридскиот договор. Тој е направен поради одредена доза на притисок врз македонската Влада за да направи концесии за Албанците. И тој договор, кој е спроведен под притисок од запад, според моето мислење, не е добар за Македонија, вели пратеникот во Бундестагот кој по конфликтот на Косово во 1999 година бил дел од мисијата на ОБСЕ во Србија и одлично ги познава состојбите во регионот.
Според др. Ној, кој доаѓа од германската покраина Северна Рајна Вестфалија, Македонија и земјите во регионот ако сакаат да го зачуваат својот суверенитет не треба да даваат никакви ветувања на никого туку сами да ги изградат своите држави.
- Никој нема да ви помогне ни финансиски и економски ако давате ветувања во разни правци кон НАТО или кон Русија. Треба да одите по својот курс како неутрална земја и да побарате сите да ги почитуваат вашата сувереност и вашите интереси, истакнува германскиот пратеник.
Во врска со тиранската платформа др. Ној вели дека Албанците можат да прават се што сакаат, а притоа не се на ниеден начин казнети, никогаш не се ставаат под санкции.
- На пример кога Албанците ќе направат нешто на Косово или во Јужна Србија тогаш е во ред, тогаш нема критики од Брисел. Но, кога Србите ќе одговорат на тоа веднаш добиваат повик од Брисел со прашање што правите. Исто беше и со Македонија во 2001 година, се сеќавате што се случи, западот не беше на страната на македонската влада и македонските граѓани, туку беше на страна на албанските сепаратисти. И сеуште е така, смета пратеникот на „Левицата“ во германскиот законодавен дом.
Според него, причината за тоа е што Албанците се многу поблиски до западот затоа што се добри вазали за разлика од Македонците и Србите кои што се премногу блиски до Русија во културна смисла. Ној вели дека на своите контакти во Србија постојано им укажува дека можат да имаат одлични односи со западот, можат да ја дадат и целата земја, но никогаш нема да имаат ист статус како Албанците. Според него слична е ситуацијата во случајот со Македонија.
Пратеникот Ној во септември на сојузните избори во Германија повторно ќе биде кандидат за пратеник на „Левицата“, која што според последните рејтинзи е трета најсилна политичка партија во Германија.
19.03.2017 - 14:33
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа