Со богата програма се одбележува 18 Август - Денот на АРМ
Со свечено постројување на вработените пред зградата на Министерството за одбрана и на Генералштабот на АРМ, изложба на борбени средства, техника и опрема на АРМ на воениот стадион во Градскиот парк во Скопје и концерт на воениот оркестар на плоштадот „Македонија“ денеска ќе се одбележи 18 Август – Денот на АРМ.
На свеченоста пред МО и ГШ на АРМ, ќе се обрати началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески, а ќе присуствуваат министерот за одбрана Талат Џафери, заменик - министерот за одбрана Емил Димитриев, заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Насер Сејдини, државниот секретар во Министерството за одбрана Сашо Стефаноски, директорот на ГШ на АРМ бригаден генерал Димче Петровски, раководителите во МО, началниците на организациските единици во ГШ на АРМ и вработените во МО и ГШ на АРМ.
Како што е најавено, на свеченоста ќе бидат прочитани наредби за унапредување, врачување на плакети, значки, благодарници и други стимулативни мерки за припадниците на МО и ГШ на АРМ по повод Денот на АРМ.
На воениот стадион во Градскиот парк во Скопје во рамки на програмата за одбележување на Денот на АРМ, ќе биде поставена изложба на борбени средства, техника и опрема на АРМ. Изложбата ќе ја посетат министерот Џафери и началникот на ГШ на АРМ, Котески.
Тактичко-техничкиот збор ќе можат да го посетат граѓаните на Скопје и Република Македонија, на 17-август, каде покрај материјално-техничките средства и борбените возила и вооружувањето на АРМ, ќе биде прикажан и борбениот хеликоптер Ми-24.
Изложба на вооружувањето и опремата ќе биде организирана и во касарните на АРМ во Куманово, Петровец, Штип, Прилеп и Кичево, каде во текот на денот, граѓаните ќе можат да ја посетат изложбата и да се дружат со припадниците на АРМ.
Прв пат оваа година на плоштадот „Македонија“ во Скопје со почеток во 19:00 часот ќе се организира концерт на воениот оркестар. На концертот покрај Воениот оркестар ќе настапат и естрадните уметници Драган Мијалковски, Есма Реџепова Теодосиевска, Мустафа Имери и Блага Петреска. Програмата ќе биде збогатена и со настапот на фолклорната група на Детскиот културен центар ,,Карпош“ од Скопје, а настап ќе имаат и припадниците на баталјонот за почести на АРМ, кои ќе ја изведат точката „ЕГЗИРЦИР“ со која ќе ги демонстрираат нивните вештини и строева извежбаност во работа со пушка.
ФОТО: МИА