Да го заштитиме нашето здравје и благосостојба - почнува „Македонија без отпад 2013“

 

Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми, и заменик министерот Стево Темелковски  денеска ги посетија децата кои се на еднонеделна рехабилитација на Пелистер при што се вклучија во активностите на кампањата за чистење на националните паркови „Македонија без отпад 2013“.

Според министерот Адеми, Владата вложува максимални напори да овозможи здрава животна средина, како предуслов за добро здравје и благосостојба за младото поколение. За таа цел, посочи, Министерството за животна средина повеќе од десет години, финансиски ја подржува активноста на  Друштвото на родители за грижа за здраво поколение од Велес за обезбедување климатска рехабилитација на деца кои боледуваат од болести на респираторниот систем, анемии, алергии и слично како последица на енормното индустриско загадување.

- Првите години ова беше привилегија на децата од Велес, но последниве години, на наше задоволство, активноста се прошири и се вклучија и деца кои живаат во село Осломеј, кавадаречкото село Возарце и село Миладиновци во непосредна близина на индустриските капацитети ОКТА, ОСЛОМЕЈ и ФЕНИ. Министерството ги покрива финансиските трошоци за еднонеделен престој на 240 деца и уште 22 помошен персонал, изјави министерот Адеми.

Во активностите на чистење на Пелистер, покрај децата се вклучија и вработените од Јавната установа национален парк „Пелистер“, планинарскиот спортски клуб „Пелистер“ од Битола, планинарско-алпинистичкиот клуб „Димитар Илиевски-Мурато“, невладините организации „Младински културен центар“ и „Биосфера“, волонтери на Црвениот Крст, вработени во хотелот „ Молика“ „Еко-клуб“, ЈКП„Комуналец“ , битолската Клиничка болница.

Покрај „Пелистер“ во рамки на кампањата „Македонија без отпад” овој викнед и следната недела во организација на Министерството за животна средина и асоцијацијата „Ајде Македонијa“ ќе се спроведат активности за чистење и на националните паркови Галичица и Маврово.

Целта на кампањата е да се развие свест кај граѓаните за правилно управување со отпадот и да се развијат механизми за поддршка на граѓаните, општините и другите засегнати групи за подобро да се справат со неорганизираното и незаконско фрлање отпад во нивните заедници.

 

најчитано сега