Средба Груевски Заев: Да се вложат последни напори за деблокада на Комисијата за 24 декември

Во просториите на Владата на Република Македонија денеска беше остварена средба на претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски со претседателот на СДСМ Зоран Заев.

Како што стои во заедничкото соопштение, на средбата која беше посветена на разгледување на можностите за придвижување на процесот околу расветлување на настаните на 24 декември се размениле повеќе ставови од двете страни:

Груевски и Заев договориле во периодот што следува да се вложат последни напори за откочување на процесот, негово интензивирање и донесување на конечно решение околу извештајот на комисијата, како последен обид за постигнување на договор, чие евентуално недонесување ги загрозува европските перспективи на Република Македонија.

На средбата, исто така било договорено, досегашниот краен рок за постигнување на согласност за Извештајот на комисијата, 14 август, да се пролонгира и истиот да биде до петок, 23- ти август 2013 година, по што доколку не биде постигната согласност ќе се смета дека не може да се постигне конечно решение.

-За договорените активности во наредниот период јавноста ќе биде навремено информирана, стои во заедничкото соопштение.

19.08.2013 - 16:14

најчитано сега