Ѓорѓиевски: СЈО преку барањата за притвор сака да изврши притисок врз Апелација да не ги поништи неоснованите мерки за претпазливост
СЈО води организирана, политички мотивирана хајка против ВМРО-ДПМНЕ и раководството на партијата, само за да му помогне на Зоран Заев и СДС. Целта е создавање на негативна слика за партијата во очи на претстојните локални избори, во корист на СДС, изјави утрово на прес-конференција пред Апелациониот суд Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
-СЈО работи во полза на СДС и преку своите монтирани случаи создава материјал за медиумите кои им се под контрола да го оцрнуваат ВМРО-ДПМНЕ. Барањата за притвор на СЈО за раководството на ВМРО-ДПМНЕ се алатка за притисок врз апелациониот суд за да не ги поништи првостепените одлуки за одземање на патните исправи на истите, рече Ѓорѓиевски.
Барањата за притвор, како и мерите за претпазливост се целосно неосновани, без ниту еден доказ и апсолутно неаргументирани. Ѓорѓиевски доаде дека истите се засноваат исклучиво врз политички мотивирана агенда за хајка против ВМРО-ДПМНЕ.
-Тезите на СЈО дека истите се поради опасност од бегство на лицата за кои се бараат, се погрешни и тенденциозни. Лицата опфатени во барањата за изрекување на мерки за обезбедување на присуство или мерките за претпазливост се функционери кои уживаат углед во земјата и странство, истите често патуваат, во најголем дел службено, па доколку некој до сега сакал да избега можел тоа да го стори неколкукратно, изјави Ѓорѓиевски.
Раководството на ВМРО-ДПМНЕ нема сторено ниту едно кривично дело, нагласи Ѓорѓиевски и додаде дека токму заради тоа нема зошто да се впушта во бегство.
-ВМРО-ДПМНЕ верува во правниот систем на Република Македонија, кој донесува одлуки врз база на Уставот и законите, а не врз база на политички монтирани обвиненија кои се срам за правната наука. Судот не смее да делува по ничиј диктат и истиот не треба да подлегне под политички притисок на СДС/СЈО. Судот мора своите одлуки да ги темели исклучиво врз база на докази, заклучи Ѓорѓиевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа