Андоновска: Таравари и СДС се на пат да го уништат македонското здравство
Неодговорноста на владата на СДС зазема загрижувачки димензии и создава хаос, неизвесност и ризици по здравјето на граѓаните, обвини денеска на прес конференција Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.
-Масакрот во здравството кој го спроведува СДС и нивниот приврзок министерот Таравари ќе има далекусежни и сериозни последици по пациентите, бидејќи се врши директен атак врз професионалноста и функционалноста на здравствениот систем. Одлуката за експресна смена на десетици директори на скопските клиники, болници и здравствени установи, за на нивно место да се назначат партиски потрчковци е скандалозна и претставува удар врз здравството од најдолен вид. Ова се неразумни одлуки! Неспособноста на СДС и неодговорноста на Таравари, за жал почнуваат да претставуваат најголема опасност за животот и здравјето на граѓаните, а тоа не е добро и ќе има последици кои ќе одат на одговорност на Заев, изјави Андоновска.
Таа обвини дека професионалните кадри кои досега ги раководеа клиниките се сменети единствено само затоа што не се СДС и не му се допаѓаат на неспособниот Таравари. Андоновска кажа дека трагедија за здравството е што се сменети професионалци за на нивно место да се ставаат луѓе кои во текот на студирањето фалсификувале оцени и биле избркани од факултетите на кои студирале.
-Таравари го замени искусниот и докажан кадар дури и со кадри кои во својот работен век и никогаш не работел како лекар, а сега треба да глуми медицински директор. Времето кога СДС и Таравари управувале со здравството во Република Македонија ќе остане запаметено по ликвидација на професионализмот, враќање на голема врата на партиските вработувања и унапредување во здравствениот систем по партиски клуч, изјави Андоновска
Андоновска кажа дека Таравари и СДС ги потценуваат лекарите специјалисти кои ги разрешија и ги разрешуваат, нивниот труд и капацитет со тоа што на нивно место поставуваат луѓе кои не се специјалисти во своите области, туку се обични лекари без специјализација.
-Дури и се изживуваат врз докажани професионалци секојдневно држејќи ги во неизвесност и поигрувајќи си со нивните чувства. А, тоа се луѓе кои спасуваат живот. Тие не заслужиле секој ден да бидат под притисок и да очекуваат каква е моменталната инспирација и степен на гнев и омраза кај Заев и Таравари, изјави Андоновска
Андоновска обвини и дека Таравари отиде до таму што со цел да му се допадне на Заев за директори на клиники назначува лични и семејни пријатели на семејството Заеви и луѓе во роднински врски со функционери на СДС.
-Таравари е пример како не треба да се однесува и работи еден министер за здравство. Таравари и СДС се на пат да го уништат македонското здравство, а последиците ќе ги чувствуваме сите ние. Заради ваквата неодговорност и неспособност, СДС многу брзо ќе се соочи со волјата политичка одговорност, уште на локалните избори заедно со граѓаните ќе го поразиме и делегитимираме СДС, изјави Андоновска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа