Честојнова: СДС сериозно да си ја сфатат обврската кон граѓаните
Неспособниот СДС се однесува целосно конфузно и ги прекршува сите закони и правила. Во брзање што е можно побрзо да ја спроведат стратегијата за целосна партизација на администрацијата Радмила Шекеринска именувала четворица членови на Управен Одбор на Катастарот, но, на истиот ден и Драги Рашковски како генерален секретар на владата именувал друг Управен Одбор. Со ова се гледа аматеризмот и незнаењето во работењето на владата предводена од СДС, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
-Но и во двата случаи, членовите на управниот одбор се избрани незаконски. Незаконска е и постапката за именување токму на тие членови бидејќи тие се вработени во приватниот сектор и немаат основа за да бидат именувани за членови на Управниот Одбор на Агенцијата за Катастар со што ова нивно именување е нелегитимно. Во законот за Катастар, во член 9 став 2 стои: „Со Агенцијата управува Управниот одбор кој е составен од пет члена и тоа по еден член на предлог од Министерството за правда, Министерството за транспорт и врски, Министерството за финансии, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство“. Новите членови на Управниот Одбор на Катастарот не доаѓаат од овие институции кои се наведени во законот, и затоа се незаконски. Незаконски избрани членови на Управен Одбор не можат да носат законски одлуки, истакна Павлинче Честојнова од ВМРО-ДПМНЕ.
Така, додаде таа, се кршат правилата и законите за работа па се поставува прашањето околу правната издржаност на сите дејствија на Агенцијата за Катастар, односно произлегува дека одлуките ќе се незаконски, што повлекува и одговорност за членовите.
-Со оваа неодговорност марионетската влада на Заев ги доведува во опасност и вработените во катастарот кои ќе бидат во хаос и незивесност дали постапуваат законски и дали еден ден некој може да ги повика на одговорност за нивната работа. Ова воведува правна несигурност кај граѓаните за било кој документ што треба да го извадат. Тоа може да доведе до парализирање на целокупниот систем бидејќи катастарот е една од клучните институции и за имотните права на граѓаните но и за сите што сакаат да инвестираат во економијата. Тоа ќе доведе до одложување на инвестиции и до економска загуба. Потсетуваме дека овие незаконски постапки ќе мора да бидат санкционирани по промената на власта и по враќањето на правната држава во Република Македонија. СДС треба сериозно да си ја сфатат обврската кон граѓаните и да почнат да работат во нивна корист, а не да спроведуваат брутална партизација. Неодговорниот и неспособен СДС набрзо ќе биде делегитимиран, и тоа уште на локалните избори каде што ВМРО-ДПМНЕ заедно со народот ќе го порази СДС за да победи Македонија, подвлече Честојнова.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа