Данев: Ова нема да трае долго, СДС нема да е долго на власт

 

Апелациониот суд подлегна на жестоките политичките притисоци на СДС и Зоран Заев. Сведоци сме дека правосудните органи и судовите во Република Македонија, со формирањето на новата влада на СДС се под континуиран и жесток притисок, да донесуваат политички нарачани одлуки, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Судиите во Апелациониот суд наместо да работат согласно законите и воспоставените правни начела, решија да му се додворуваат на Зоран Заев и СДС и да донесат скандалозна одлука со која се отвора пандорината кутија, со која во иднина ваквите нелегално стекнати и прислушувани разговори ќе се користат и злоупотребуваат како алатка за прогон на политичките неистомисленици. Одлуката на Апелациониот суд е целосно незаконска и претставува правен преседан и е во спротивност на член 12 став 2 од  Законот за кривична постапка, каде се цитира дека доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдено со Уставот на Република Македонија и  и меѓународните договори, не можат да бидат користени како докази во постапка и врз основа на истите не може и не смее да се заснова судска одлука, истакна Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.

Судиите од Апелациониот суд, додаде тој, најверојатно исплашени од политичките закани на СДС и Зоран Заев кои во изминатииот период ги упатуваа кон правосудните органи со заканата за генерален реизбор на судии, решија да го стават правото на страна, да ги дерогираат постоечките закони и директно да одработат во корист на Заев за да може полесно да ги спроведува своите антидржавни политики.

-Судската одлука е правен преседан во Република Македонија и треба да биде димна завеса која ќе го дефокусира народот од вистинските проблеми, односно ќе ги дефокусира граѓаните од еколошката катастрофа предизвикана од шумските пожари и треба да ја прикрие неспособноста и неодговорноста на СДС да се справи со пожарите и огнените стихији кои беснеат низ државата, во кои изгореа илјадници хектари шума, беа пеплосани куќи и имаше човечки жртви, да ги дефокусира граѓаните од планот на СДС за населување на мигранти во Република Македонија, зголемувањето на даноците, што ќе има директна импликација врз економијата и ќе значи помалку работни места, како и дефокус на јавноста од законот за јазици. Судиите наместо да го штитат правниот поредок во државата, со оваа незаконска и скандалозна одлука воведоа нова судска пракса која направи дирекна штета на Република Македонија и удри сериозно врз темелите на правосудниот систем.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека ова нема да трае долго.

-СДС нема да е долго на власт. Граѓаните на Република Македонија ги прочитаа манипулациите и лагите на СДС и Заев. На локалните избори СДС ќе биде поразен, и делегитимиран. Секој оној кој работи против законот и ги крши истите за само да му се допадне и додвори на Заев ќе сноси одговорност и ќе одговара за своите постапки, рече Данев.

 

 

 

09.08.2017 - 11:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега