Ѓорѓиевски: Владата на СДС има обврска да ја штити Македонија, а не да ја претвора земјата во бегалски камп за мигранти
Владата на Социјалдемократскиот сојуз има обврска да ја штити територијата на Република Македонија и интересите на нејзините граѓани, а не да ја претвора земјата во бегалски камп за мигранти. Владата на Социјалдемократскиот сојуз, Заев и Царовска од Република Македонија планираат да направат бегалски камп за трајно згрижување и вдомување на мигрантите од таканаречената „Балканска рута”, истакна Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.
-Со усвојување на Стратегијата за мигранти, бегалци и странци 2017-2020 година и Акцискиот план и непромислените чекори на владата на Социјалдемократскиот сојуз и министерката за труд и социјална работа, Мила Царовска, се доведува во опасна ситуација целокупната демографска, безбедносна и економска состојба на нашата земја. Зоран Заев и Мила Царовска, наместо да се кријат зад партиски соопшенија, треба да излезат и јавно да и соопштат на јавноста и на граѓаните што точно ветиле и каде се, односно во кои градови ќе се прават згради за трајно вдомување на мигрантите, предвидено со Стратегијата за бегалци и странци 2017-2020 година, истакна Ѓорѓиевски.
Граѓаните, додаде тој, се должни да знаат и со право се загрижени од информациите дека ќе се прават бегалски кампови во повеќето градови низ Македонија, а особено се загрижени од фактот што Социјалдемократскиот сојуз на шверцерски начин ќе може да даде државјанства на преку 200.000 бегалци, со цел нивно трајно вдомување и населување во државата.
-Ваквиот несериозен потег на Социјалдемократскиот сојуз ќе направи сериозно нарушување и дисбаланс во демографската структура на Република Македонија. Поради ваквиот несериозен однос кој СДС го има кон државата и граѓаните,ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерпелација за промена на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи, Социјалдемократскиот сојуз и Заев и подари нивната неспособност и некадарност во водењето на државата, поради одработување на нечии туѓи штетни агенди, цехот да го плаќаат граѓаните на Република Македонија.
Задкулисните и матни игри кои ги прави Социјалдемократскиот сојуз, граѓаните почнуваат полека да ги разоткриваат и препознаваат и нивниот суд Социјалдемократскиот сојуз ќе го види и почуствува на следните локалните избори,каде ќе доживее пораз.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа