Трпески: Автопатот Кичево – Охрид е жртва на неодговорноста и некадарноста на СДС

 

СДС се неспособни и целосно неодговорни кон државата и граѓаните. СДС во своите 74 дена власт само блокира и крати, автопатот Кичево – Охрид е жртва на неодговорноста и некадарноста на СДС. Неспособната влада на СДС наоѓа најбанални изговори, како да ја запре изградбата на автопатот. Градбата на автопатот Кичево – Охрид е во целосен застој повеќе од два ипол месеци, истакна на денешната прес-конференција Славе Трпески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

-Автопатската делница Кичево – Охрид, која е дел од автопатското решение на Коридорот 8, е проект започнат од ВМРО-ДПМНЕ, неговата реализација чини 374 милиони евра, а истиот е со вкупна должина од 57 километри. Работите на патот се повеќе од 45% завршени, а според планираниот тек на работите истиот требаше да биде завршен на почетокот на 2019-та година, вели членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Трпески посочува дека реализацијата на овој автопат е од витално значење за Републиката, и изградбата на истиот не смее да запре.

-Изградбата на автопатот влијае на севкупната економија посебно во западниот дел од Македонија. Истиот значи комплетирање на автопатското решение на Коридорот 8 и ќе значи поголем број на инвестиции во овој дел на државата и поголема достапност на Охрид за туристите. Неизградбата на автопатот ги доведува во прашање и веќе започнатите странски инвестиции во ТИРЗ зоната Охрид и доведува во неизвесност илјадници граѓани, кои може да останат без работа, вели Трпески.

Тој истакнува дека Сугарески се обидува со помош на банални изговори целосно да ја замрзне изградбата на автопатот Кичево – Охрид.

-Неспособниот министер Сугарески, се вади на проблеми со експропријацијата на земјиштето, што е целосно неточно и претставува банален изговор за да не продолжи изградбата на автопатот. Имено Сугарески треба да знае, а ако не знае ние ќе му кажеме, во законот за експропријација има вградени механизми преговорите за висината на надоместокот да се одвиваат додека трае градбата. Вториот банален изговор дека била потребна дислокација на инфраструктурните објекти, исто така не е причина за прекин на целата градба, и претставува само блед обид да се прикрие сопствената неспособност и незнаење да се менаџира со голем инфраструктурен проект, нагласува Трпески.

Тој додава дека владата на СДС треба да знае дека автопатот не се гради во рамница како Пелагонија туку во најридестиот дел од Македонија дека во текот на работата имало има и понатаму ќе има проблеми во теренските работи, но наместо да се плаче треба да се засукаат ракави и да се решаваат отворените прашања.

-СДС не работи за доброто на граѓаните и државата, СДС работи согласно теснопартиските потреби. Заради неодговорноста, целокупната негрижа и неспособноста на владата на СДС набрзо ќе следи политичκа одговорност, ја завршува денешната прес-конференција членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

 

 

13.08.2017 - 14:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега