Попова: Царовска се грижи повеќе за мигрантите одколку за згрижување на децата во градинките
Во поголемиот број на општини е потребно зголемување на капацитетите или отварање на нови градинки. Наместо министерството за труд и социјална политика популистички да најавува втора смена, треба да се предвидат средства за отварање на нови капацитети или проширување на постоечките, изјави на денешната прес-конференција Ирена Попова од ВМРО-ДПМНЕ.
-Намерата да се отвара втора смена со постоечкиот кадар ќе ги преполови сегашните капацитети. Доколку во една градинка преку ден се згрижувале 200 деца, со мерката што планира да ја реализира СДС, во градинката ќе може да се згрижат само 100 бидејќи половина од персоналот ќе биде прераспореден во втора смена. СДС наместо да размисли како да го реши суштински проблемот за отварање на нови капацитети, со одлуката за двосменско работење во градинките, турка гол популизам. СДС ризикува да го оптовари системот за згрижување на најмладите, децата на предучилишна возраст, вели Попова.
Таа потенцираше дека оваа мерка ќе ги зголеми трошоците, а во ребалансот на буџетот за 2017 не се предвидени средства од страна на СДС.
-Очигледно министерката Мила Царовска се грижи повеќе за стратегиите за мигрантите одколку за згрижување на децата од предучилишна возраст. Својствено за СДС е едно да говорат, а друго да спроведуваат. Без да притоа направат соодветен план и анализа. Во минатото, пред 2006 година немаа отворено ниту една градинка, а сега најавуваат површни решенија со кои ризикуваат да го загрозат системот за згрижување на деца во предучилишна возраст. Никој не знае во кои градинки ќе се воведе двосменското работење и колку ќе чини тоа?, прашува Попова.
Таа рече и дека со двосменското работење на градинките следствено ќе треба да се вработи дополнителен персонал кој ќе може да ги опслужува овие установи, а со тоа се зголемуваат трошоците без притоа да се зголемат сместувачките капацитети. Во моментов има потреба од поголеми капацитети што се реално барање од родителите во местата каде такви капацитети воопшто нема.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа