Груевски изврши увид во реализација на четири објекти во Кисела Вода

 

Денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во друштво со градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски и градоначалничката на општина Кисела Вода Билјана Беличанец Алексиќ, беше во посета на неколку проекти кои беа ветени во програмата на партијата, кои се реализираат во општината во овој момент.

Груевски беше во посета на четири точки каде се реализираат проектите кои партијата ги има ветено. Тој изврши увид во изградбата на третата фаза од булеварот Борис Трајковски, која треба да биде готова до средината на септември. Третата фаза чини 3,7 милиони евра, а со првата и втората околу 7 милиони евра, а кога ќе заврши изградбата ќе биде се на се 10 милиони евра.

-Ова е одлично завршена работа на градот Скопје во соработка со општина Кисела Вода, која што даде целосна логистика во подготвителниот период. Така што можам да честитам на градоначалникот на Скопје и градоначалничката на Кисела Вода, изјави Груевски.

Груевски беше во посета и на училиштето Рајко Жинзифов, каде во моментов во изградба е спортска сала за потребите на училиштето. Училиштето е изградено пред неколку години, а во него има 900 ученици, како што кажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е изградено со пари од Владата на ВМРО-ДПМНЕ, општината Кисела и помош од Владата на Република Кина.

-Тоа навистина ќе биде од помош на учениците, но и на околните жители кои во слободните часови ќе може да ја користат салата за спорт, спортски активности, рекреација, можеби и за спортски клубови кои имаат потреба од таков вид на објект, изјави Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ беше во увид и на реновирањето на улицата Сердарот, која е една од подолгите улици во градот скопје, со 1,1 километар.Таа ќе има темелна реконструкција, мало проширување и воведување канализација во деловите кај што нема.

-Таа ќе биде релативно брзо завршена, во текот на септември и  долго време очекувана од граѓаните, ветена во програмата на градоначалничката Беличанец во Кисела Вода и еве сега реализацијата започна и ќе заврши во текот на септември, изјави Груевски.

На крајот од својата посета во Кисела Вода, Груевски изврши увид во изградбата на Домот на културата во село Драчево, уште едно ветување од програмата на ВМРО-ДПМНЕ, објект кој ќе биде од големо значење за жителите на овој дел од оштината. Тој кажа дека градоначалничката направила се да најде средства за овие проекти, бидејќи Кисела Вода е општина со многу ниски приходи, а големи барања од граѓаните.

-Во Кисела Вода и во минатото и во сега има доста активности, доста работи кои што се завршуваат, програмата во најголем дел се реализира и тоа е добро, затоа што граѓаните гласаат на доверба, гласаат за партија која ветува и која остварува, а ВМРО-ДПМНЕ тоа редовно го прави, изјави Груевски.

 

 

 

 

22.08.2017 - 16:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега