Василевски: Со населувањето на мигрантите ќе опадне силата на работникот
Васко Василевски од ВМРО-ДПМНЕ вели дека премиерот Зоран Заев и министерката Мила Царовска во претходни изјави рекле оти Македонија ќе остане транзитна земја, но според него, Националната стратегија го кажува сосема спротивното.
Тој истакнува дека во Стратегијата има дел кој се нарекува „Домување“ кој, како што вели, има сосема поинакво значење.
-Во нашата општина, од каде што доаѓам, односно општина Аеродром би требало да се изградат нови станбени објекти. Веќе имаат поднесено и до поголемиот дел од општините да изнајдат и парцели за тие станбени објекти, истакна Василевски.
Појаснува дека доколку се населат 5 илјади мигранти, државата треба да им обезбеди бесплатна социјална, здравствена и образовна можност.
-Од друга страна, општината Аеродром во изминатите години имаше голем број на проекти во делот на образованието. Изградба на Основни училишта, градинки. Со самото вселување на тие мигранти би дошло до намалување на изградбата и реконструкцијата на голем дел од тие објекти, вели Василевски.
Потенцира дека на овие луѓе ќе треба да им се овозможи вработување, како во државниот, така и во приватниот сектор. Тоа според него би довело до намалување на работната сила.
-Ако во просек еден вработен од општина Аеродром зема плата од 20 илјади денари, со самото тоа што на овие мигранти ќе им биде овозможено бесплатно домување, бесплатно здравство, бесплатно образование, работната сила ќе се намали. Односно, силата на работникот ќе опадне. Од 20 илјади би можело да падне на 10 илјади, вели Василевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа