Едно огромно браво за нашите херои - македонските кошаркари ја поразија Грција
Македонската кошаркарска репрезентација ја совлада вечерва Грција во германскиот град Улм со резултат 77:75 во контроен натпревар, како дел од подготовките за претстојното Европско првенство во Словенија.
За триумфот клучна беше одличната игра на Лестер Бо Мекејлеб со постигнати 25 поени и четири асистенции и на Перо Антиќ, кој во финишот ги постигна последните три поени пресудни за нашиот тим. Ова беше најдобра игра на капитенот на нашата селекција до сега на овие подготовки, кој средбата ја заврши со 16 поени и 10 скокови.
Со играта се издвоија и Ѓорѓи Чековски, со девет поени и четири скокови, Војдан Стојановски со 11 поени, и Владо Илиевски со 10 поени и три асистенции.
Ова е втора победа над селекцијата на Грција по онаа во групната фаза на Евробаскетот во Литванија пред две години.
Во противничкиот тим најефикасен беше Перпероглу со 12 поени следен од Спанулис, кој постигна 11 поени и осум асистенции.
По оваа победа избраниците на Алеш Пипан утре во 14:30 часот ги очекува дуелот со домаќинот на турнирот, Германија, а в недела го играат последниот натпревар со тимот на Босна и Херцеговина.