Србов: СДС продолжува дрско да манипулира- наместо пад на цените, граѓаните ќе плаќаат 50% поскапа струја
Социјал-демократскиот сојуз, како и досега, и понатаму продолжува дрско да ги манипулира граѓаните на Република Македонија. Последна во низата манипулации кои произлегуваат од Владата предводена од СДС се однесува на најавените измени на Законот за енергетика. Со измената на овој закон јавноста се манипулира со терминот „либерализација“ која ќе биде воведена на пазарот на електрична енергија. Логично, кога станува збор за либерализација на пазарот се очекува пад на цените. Но, во конкретниов случај, граѓаните ќе се соочат со цени повисоки и до 50% од моменталните по спроведувањето на најавените измени, истакна Никола Србов, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.
-Можеби ова ви звучи нелогично, но ова го говорат фактите и искуството од истата политика спроведена во земјите од Европската Унија. ДА ГОВОРИМЕ СО ФАКТИ. Неодамна, излезе студија напишана од тим научници од Факултетот за менаџмент и општествени науки на Универзитетот во Твенте, Холандија. Во истата е содржана компаративна анализа за ефектите од либерализацијата на пазарот на електрична енергија. Анализата покажува дека во земјите каде била спроведена ваквата либерализација дошло до покачување на цената на електричната енергија до 60%! Самите автори на студијата нотирале дека според економската логика морало да дојде до пад на цената на електричната енергија но се случило токму спротивното. Па така, во Белгија, по една година, цената пораснала за 22,1%, во Грција, по две години, цената пораснала за дури 59%, во Ирска, по три години од либерализацијата, цената пораснала за 30%, во Холандија за 36%, додека во Шпанија цената на електричната енергија пораснала за 37%, подвлече Србов.
Моментално, додаде тој, во Република Македонија цената за киловат-час електрична енергија изнесува 5 денари, додека за истото количество електрична енергија жителите на Европската Унија плаќаат 12,5 денари.
-Најавената либерализација ќе го стимулира растот на цената не електрична енергија во Република Македонија, а во меѓувреме, жителите на ЕУ, и покрај високиот стандард, плаќаат висока цена која претставува товар за семејниот буџет. Доколку до сега сте плаќале 3.000 денари за струја, од сега ќе плаќате 5.000 денари за струја! Со што, да, Заев не доближува до ЕУ, но не доближува со високите цени кои за македонските граѓани ќе преставуваат голем товар бидејќи стандардот останува ист. Имајќи го в предвид сето ова, по најавената измена на законот за енергетика ќе престои дополнително осиромашување на македонските граѓани. Се поставува прашањето, дали ќе гледаме уште еден бонбона бизнис со продажба на ЕЛЕМ? Дали на истиот начин, како што беше продадена ЕСМ, сега ќе се продава ЕЛЕМ кој е всушност најголемиот капиталец во државна сопственост со најмногу вработени?
Логично и легитимно, според Србов, е прашањето: кој ќе има бенефит од измените на овој закон?
-Според начинот на функционирање на пазарите за електрична енергија кои се веќе либерализирани, очекувано е најголем бенефит од ова да имаат мали фирми со по двајца вработени кои ќе книжат огромни суми на сретства и сето тоа на грбот на граѓаните кои ќе плаќаат и до 60% повисоки сметки за струја. Притоа, очекувано е и отпуштање на стотици работници од државните фирми. Социјал-демократскиот сојуз најави живот, најави враќање на парите кај граѓаните, најави помали трошоци за живот, најави повисоки плати, рече Србов и додаде:
„После 100 дена влада:
Дојде животот, заминаа инвестициите.
Дојде животот, поскапеа трошоците за истиот.
Дојде животот, граѓаните осиромашуваат.
Дојде животот а со него и бонбона бизнисите.
На 15-ти октомври, граѓаните ќе се изјаснат дали се за живот на неколкумина бизнис партнери на Заев, или се за живот за сите граѓани во Република Македонија“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа