Милошоски: Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата утре ќе поднесат предлог закон за зголемување на пензиите
Пратениците на Коалицијата „За подобра Македонија“ утре ќе поднесат предлог закон во Собранието на Република Македонија за зголемување на пензиите за 650 денари на околу 300.000 пензионери во државата, информираше Антонио Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конференција.
-Доколку овој закон се усвои во Собранието до поддршка на уште само 10 пратеници покрај Коалицијата „За подобра Македонија“ тогаш од февруари идната година пензионерите ќе добијат 650 денари повеќе како што беше пракса додека ВМРО-ДПМНЕ раководеше со владата на Република Македонија. Со Предлог законот за дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување се предвидува во 2018 година за сите видови на пензии без разлика дали се повисоки или пониски согласно со овој закон да се усогласат на начин што вкупниот износ за исплата на пензиите од декември 2017 година ќе се зголеми за 5% и ќе се подели со вкупниот број на корисници на пензија кои што ја оствариле заклучно со декември 2017 година.
Ова е уште еден проект, рече Милошоски, еден предлог закон кој што беше ветување во нашата предизборна програма и сакаме да бидеме чесни кон граѓаните и пензионерите кои што гласале за Коалицијата „За подобра Македонија“, но исто така како што гласале и за други политички партии но очекуваат подобар животен стандард и да понудиме закон за повисоки пензии.
-ВМРО-ДПМНЕ во изминатите години од своето владеење ги зголеми пензиите на сите пензионери во државата. Најниската пензија се зголеми за 105%, значи ако се сеќавате 2006 година најниската пензија беше 4.330 денари, а 2016 година најниската пензија достигна 8.890 денари. Ако ги земеме просечните пензии, просечната пензија во 2006 година изнесуваше 7.680 денари, додека на крајот на 2016 година просечната пензија стигна до 13.750 денари. Затоа сметаме дека само со реално 5 процентно зголемување на пензиите може да имаме нивен раст. Влада предводена од господинот Заев продолжи онаму каде што застана во 2006 година, да манипулира дека прилагодувањето на пензиите значи нивно зголемување, без да покаже реален капацитет, буџетски капацитет и економски политики на реален начин да ги зголеми пензиите.
Пензионерите, додаде тој, во овој момент со право се чувствуваат изманипулирани и излажани, бидејќи ги знаат своите сметки, и ги знаат своите месечни приходи и пензии.
-Го повикуваме пратениците од Социјал-демократскиот сојуз да не ги попречуваат пензионерите да го добијат она што стана како пракса во државата кое што покажа капацитет да ги зголемува пензиите за 5% до 2016 година. Се надеваме дека Социјал-демократскиот сојуз конечно ќе се охрабри и во Собранието ќе покаже конструктивност во интерес на сите граѓани. Она што посебно сакам да го истакнам е дека во овие комплицирани политички моменти во Република Македонија наместо да се гласаат неуставни предлог закони кои што го разделуваат и подвојуваат општеството како што е законот за двојазичност, подобро е да се гласаат уставни и корисни закони како што е предлог законот за покачувањето на пензиите бидејќи тоа ќе им користи и на пензионерите Македонци, Албанци, и Турци, и пензионерите Роми, Срби, Власи и Бошњаци и ќе им користи на нивните внуци, подвлече Милошоски и додаде:
„Кога станува збор за граѓаните на Република Македонија сметаме дека пратениците треба да покажат сплотеност по однос на интересот на граѓаните. Коалицијата „За подобра Македонија“ има 51 пратеник и за да помине законот за зголемени пензии со 5% реално покачување потребни се уште 10 пратеници. Ги повикуваме, доволни се само пратениците кои што исто така се кандидати за градоначалници господинот Шилегов, господинот Стефан Богоев, господинот Бочварски, Бетиан Китев, господинот Зеќири Ибраими, Зијадин Села и уште неколку други да го поддржат овој закон и пред пензионерите во нивните општини и градови каде што се кандидираат да покажат реална способност и волја да се покачи стандардот на пензионерите“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа