Груевски: Нова ера – Зеленило, зеленило, зеленило
Новата ера е ера на екологија. Затоа велиме: „Зеленило, зеленило, зеленило“. Македонија мора да стане еколошка земја, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на денешната Конвенција на партијата.
-Потребно да се промовира концепцијата на индустрија која оди заедно со управување на отпад. И силни и обемни инвестиции во модерни и еколошко коректни енергенси, и за државата и за семејствата кои ќе добиваат државна поддршка за еколошко однесување. Државата заедно со науката мора да соработуваат поинтензивно на овој план и да преземаат најразлични, современи и најнови технолошки решенија за постигнување на овие цели, посочи Груевски.
Потенцира дека треба да се продолжи и да се засили свртувањето кон алтернативни извори на енергија, како што се сонце, ветер и вода, вклучувајќи ги и термалните извори.
-Греењето на дрва,нафта и слични штетни за здравјето енергенси, кои во моментот се најголемиот загадувач на воздухот во Македонија со околу 70 отсто од севкупното загадување, мора во најголем дел да се заменат со централно или индивидуално греење на природен гас, пелети или други форми на еколошко чисто загревање на домовите и индустриските капацитети. Мора да има постојано инвестиции во ширење на мрежата на централно греење во градовите. Македонија ќе добие нови две до три гасни електрани, појасни Груевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа