Тргачевски: СДС свесни за лошиот рејтинг помеѓу граѓаните го користи МВР за заплашување на политичките противници
СДС свесни за лошиот рејтинг помеѓу граѓаните и неминовниот пораз кој ги очекува на претстојните локални избори на 15-ти октомври ја користи МВР за заплашување на политичките противници. Вчера беше извршена класична злoупотреба на полицијата и државните органи од страна на СДС, истакна на денешната прес-конференција Александар Тргачевски член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
-Полицијата под контрола на Заев и Спасовски преку класична полициска местенка вчера пред почетокот на партиската конвенција на ВМРО-ДПМНЕ изврши насилен претрес на кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, за општина Кавадарци, Митко Јанчев, при влезот во Скопје, при што на истиот му биле вперени пиштоли во главата. Полициската местенка била пропратена со неколку единици на полицијата, бројност која не е својствена за рутинска проверка на возила, туку само покажува целиот случај е инсцениран, со цел сеење на страв и заплашување, нагласува Тргачевски.
Тој вели дека користењето на полицијата за вршење на политички притисок е груб пример за злоупотреба на власта. И претставува класичен пример како функционира државата под водство на СДС.
ВМРО-ДПМНЕ го повикуваат МВР во најбрз можен рок да го расветли случајот и да утврди индивидуална одговорност.
-ВМРО-ДПМНЕ ги повикува претставниците на меѓународната заедница и организациите кои го надгледуваат изборниот процес да го осудат однесувањето на власта. Истовремено полицијата од целата територија на Република Македонија беше ставена во функција на партијата на власт, на патишта низ Република Македонија беа запирани автобуси од внатрешноста на државата, со цел истите да не допатуваат навремено на конвенцијата на партијата во Скопје. ВМРО-ДПМНЕ го осудува ваквиот однос и апелира до сите општествени и политички чинители во државата да не се дрзнат да ја злоупотребуваат моменталната моќ која им ја дава власта, со цел да сеат страв и да вршат криминал. Заштитата која ја чувствуваат денес, утре ќе ја немаат. По враќањето на демократијата и правната држава во Република Македонија, секој еден прекршител на законот ќе одговара согласно закон во законска и правична постапка, нагласува Тргачевски.
Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ додава дека одговорност мора да има. Одговорност ќе има. Во тоа нека бидат сигурни сите, прекршители на законот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа