Јовановски: Заев не сака да има референдум за населување на мигрантите во општините
Институциите под контрола на Зоран Заев покажаа дека се подготвени да го погазат уставот, да ја погазат демократијата. Државниот инспекторат за локална самоуправа под налог на Зоран Заев вчера крајно скандалозно донесе одлука да го попречи одржувањето на референдумите во општините по прашањето за отворање на кампови за мигрантите со цел да му удоволи на Зоран Заев за да го спроведе својот акциски план и да го спаси од соочување со волјата на граѓаните. Ова е директна потврда дека владата планира доселување на мигранти, истакна Крсто Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека ова е исто така голем срам за македонската демократија.
-Зоран Заев ја повторува практиката на СДС да му го одземе суверенитетот на народот и да ја киднапира државата и институциите за свои партиски интереси. Зоран Заев и СДС ја повторуваат својата матрица дека некои прашања не заслужуваат одговор. Референдумот преставува најчист облик на демократија кај што граѓаните непосредно се изјаснуваат по прашања кои им се во директен интерес. И оттука крајно апсурдно е одбивањето на владата дека референдумите не треба да се одржуваат во ист термин со локалните избори. Овој термин е единствениот логичен и рационален и е на ист трошок со изборите, вели Јовановски.
Единствено објаснување за оваа недемократска одлука, според него, е стравот кај СДС од сопствениот народ и од неговото мислење.
-За ова потценување на својот граѓанин, за ова погазување на уставно загарантираното право и за погребувањето на демократските принципи СДС ќе биде сурово казнет од својот сопствен народ. Казната ќе му биде испорачана на 15-ти октомври, нагласува Јовановски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа