СДСМ ги одби предлозите на Груевски
СДСМ ги отфрли двете опции што синоќа ги понуди премиерот Никола Груевски, откако во договорениот рок ад-хок Комисијата за случувањата од 24 декември не успеа да постигне согласност и да донесе извештај.
- Груевски бега од одговорност од договореното и не нуди решение, изјави денеска на прес-конференција потпретседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, додавајќи дека власта нема желба да стои на договореното.
Предвремените избори, како што рече, зависат од парламентарното мнозинство. - Двете опции на Груевски се само алиби пред Европската унија, додаде Шекеринска.
СДСМ го повика ВМРО-ДПМНЕ да се согласи во извештајот да стои дека со исфрлањето на новинарите на 24. декември минатата година од собраниската сала е прекршен Уставот.
Во врска со предлогот за предвремени избори, Шекеринска децидна дека обврска од мартовскиот извештај е создавање фер претпоставки за изорен натпревар.
- Презедовте обврска за усогласување на изборното законодавство со препораките на ОБСЕ/ОДИХР и за прочистување на избирачкиот список. Тие обврски не ги реализиравте, рече Шекеринска, додавајќи дека ако утре се распушти Собранието на РМ, СДСМ ќе ги искористи сите демократски средства кои и стојат на располагање.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски вчера понуди две решенија. Едното СДСМ со надгласување да изгласа извештај со правни формулации за настаните од 24 декември какви што сака, а доколку претседателот на ад хок Комисијата Борче Давитковски не сака да гласа на таков начин, да изберат нов кој ВМРО-ДПМНЕ го прифаќа однапред, а второто во понеделник на вонредна седница да се распушти Парламентот и да се распишат предвремени парламентарни избори кои би се одржале на 13 октомври, пред Македонија да го добие извештајот од Европската комисија.
Ова се двете решенија што премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски ги понуди откако во договорениот рок ад-хок Комисијата за случувањата од 24 декември не успеа да постигне согласност и да донесе извештај.